Градоначалникот Благој Бочварски информира дека до Владата доставиле предлог за целосна забрана за работа на текстилната индустрија во Штип за време на претстојниот викенд.
„Би сакал да ги информирам сите вработени во текстилната индустрија, дека ќе направам сè, овој продолжен викенд кога се најавува карантин во Штип, да има најстрога забрана за работа. Ова се моменти кога одговорноста на секој општествен чинител мора да биде на највисоко ниво, вклучувајќи ги институциите, стопанствениците и работниците. Ве повикувам сите, да бидеме одговорни, да си помогнеме себе, да им помогнеме на здравствените работници во овој сериозен момент. Затоа утре Владата ќе го разгледа овој предлог од Општина Штип. Вирусот ќе го победиме, со многу одговорност, дисциплина и меѓусебно разбирање“,
напиша Бочварски на својот Фејсбук профил.
Поради ширење на вирусот меѓу текстилни работници, седум конфекции во Штип ставија клуч на врата, додека во тек е тестирање на вработените.
На денешниот кризен штаб беше одлучено секоја фирма и институција да назначи т.н ковид координатор за да ја следи имплементацијата на мерките против ковид-19.
