Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, доцна вечерва соопшти дека е пронајден загадувачот на реката Брегалница која денеска доби бела боја. Станува збор за еден од превозниците во Технолошко-индустриската развојна (ТИРЗ) зона.
„Би сакал да ги информирам граѓаните дека заедно со претставници на риболовното друштво и неколку загрижени граѓани лично бев на терен и го пронајдовме изворот на загадувањето во реката Брегалница, во еден од превозниците во ТИРЗ зоната. Повикав надлежен инспектор и крим полиција кои веќе се на лице место. Калкулации не смее да има! Секој мора да ја сноси одговорност за своите постапки“,
објави Бочварски.
Претходно, членови на Спортското риболовно друштво „Брегалница“ во присуство на крим техника земаа примероци од водата и најавија дека ќе ги испратат на испитување во Скопје.
