Од Царинската управа се очекува да открие што прикажало возилото на граничниот премин, какви документи приложил превозникот при излез од државата
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека одговорност за автобуската несреќа ќе има, а за тоа каде е направен пропустот ќе покаже истрагата.
Од Царинската управа се очекува да открие што прикажало возилото на граничниот премин, какви документи приложил превозникот при излез од државата.
„Истрагата е во тек, Царинската управа има свои ингеренции и надлежности. Веројатно ќе се направи внатрешна контрола, ќе се провери дали, каде и каков пропуст имало. Не би сакал да прејудицирам, посебно не за друга институција – како постапувала, дали постапувала по закон, дали постапувала по закон, каде е пропустот и дали имало пропуст. Кога ќе излезат со нивните сознанија за овие прашања, има надлежен раководител и ќе ги кажат сите детали за постапувањето по овој предмет. Очекувам Царинската управа да излезе со конкретни информации за возилото. Моите очекувања се дека во текот на денот Управата треба да излезе со целата документација околу ова прашање“,
изјави вечерва Бочварски за Телма.
Тој вели дека лично не бега од одговорност, но инсистира на разграничување на надлежностите.
„Ја информирав јавноста за целата состојба што ние ја знаеме. Сега останува да се преземат чекори и мерки од страна на институциите кои треба да ги преземат тие чекори. Јас апсолутно не бегам од одговорност зашто вчера ги кажав сите законски можности и кажав кои се надлежнсотите на Министерството, која е нашата работа во однос на овој случај. Државниот инспекторат за транспорт треба да биде контрола на терен и на она што го работат министерствата. Ние ја вршиме админситративната работа, ги издаваме лиценцигте, а дали компаниите работат според закон – контролираат инспекциите. Царинската управа, пак, е надлежна за границите. Таму треба да се бараат одговорите. Сите очекуваме, но тоа треба да биде темелно истражено и да се постапува, без притоа некој да биде изземен од одговорност“,
подвлече Бочварски.