Таа важи за главен експерт во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев. Својата кариера Генчовска ја започнала во Генералштабот на бугарската армија, а работела и на позицијата раководителка на Одделот за НАТО и ЕУ во Министерството за одбрана
Теодора Генчовска е предлогот на „Има таков народ“ за нова министерка за надворешни работи на Бугарија, пишува БНР повикувајќи се на извори од преговарачките тимови за новата коалициска влада предводена од „Промените продолжуваат“.
Нејзиното име доаѓа како замена за претходниот предлог од „Има таков народ“, од каде што првично го номинираа Димитар Гардев. Меѓутоа, како што пишуваат бугарските медиуми, тој отпадна од игра за шеф на дипломатијата откако во јавноста излегоа информации дека во својата официјална биографија излажал за неговото вработување во Европскиот парламент.
Генчовска ѝ е позната на јавноста и по тоа што по претходните изборни циклуси, на кои победи „Има таков народ“, но не можеше да формира влада, беше номинирана за министерка за одбрана.
Таа важи за главен експерт во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев. Својата кариера Генчовска ја започнала во Генералштабот на бугарската армија, а работела и на позицијата раководителка на Одделот за НАТО и ЕУ во Министерството за одбрана.
Генчовска би го наследила актуелниот министер во техничката влада Светлан Стоев, позиција на која претходно во Владата на Бојко Борисов се наоѓаше Екатерина Захариева.
Партијата „Промените продолжуваат“, која победи на последните парламентарни избори во Бугарија, треба да формира коалициска влада со Бугарската социјалистичка партија (БСП), „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“. За денеска е најавено и дека овие четири партии ќе го потпишат договорот за коалиција откако претходно постигнаа согласност околу програмата.