Со овој предлог-закон се создаваат можности за повторување на постапката доколку судската одлука се заснова на повреда на начелото пресумција на невиност, при што се користени разговори од незаконито пресретнување на системите за комуникација, злоупотреба на посебната истражна мерка заштитен сведок, злоупотреба на системот за распределба на судски предмети (АКМИС) и во други случаи на фабрикување или монтирање факти и докази
Блупринт-групата за следење на реформи во правосудството бара повлекување на предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, кој денеска е на разгледување во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање, со повеќе забелешки на текстот.
Инаку, со овој предлог-закон се создаваат можности за повторување на постапката, доколку судската одлука се заснова на повреда на начелото пресумција на невиност, при што се користени разговори од незаконито пресретнување на системите за комуникација, злоупотреба на посебната истражна мерка заштитен сведок, злоупотреба на системот за распределба на судски предмети (АКМИС) и во други случаи на фабрикување или монтирање факти и докази.
Џабе закони ако нема политичка волја
Првата забелешка на Блупринт-групата е за делот во кој подносителот дава оценка на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и во кој се тврди дека постои масовност во појавата на грубо кршење на основните и природните човекови права.
Експертите посочуваат дека ова тврдење не е поткрепено со соодветни докази, а од друга страна не се имаат предвид постојните правни механизми во националните акти за заштита на овие права (Устав, закони, ЕКЧП и сл.).
Исто така, забелешката е и во делот каде што предлагачот, како причини за потребата од овој закон ги наведува споеноста на партијата со државата, постоење политички монтирани или мотивирани процеси, како и постоењето политички притвореници или затвореници. Од Блупринг-групата сметаат дека за за ова е потребна политичка волја, без што ниту еден закон нема да ги реши овие проблеми.
Односно, дека теоретското право е недоволно и неефикасно и дека е потребна негова практична примена.
„Владеењето на правото, демократијата, независноста и непристрасноста на судството, примената на многубројните стандарди за фер судење, имајќи ги предвид веќе постојните национални механизми и инструменти, нема да се оствари само со донесување на овој закон. Напротив, овој закон може да ја искомплицира и да ја одолговлечи и така веќе долгата постапка“,
објаснуваат од Блупринт-групата.
Исто така, експертите од оваа група како забелешка го посочуваат и тоа што законот се носи ретроактивно, особено што регулира кривична материја. Тие објаснуваат дека и во други земји се носат вакви закони, но тие се генерално застапени во вид на амнестија.
Затоа сметаат дека е неопходно „соодветно образложение за потребата на која законот треба да одговори, како и вкупните последици кои тој закон може да ги има врз правниот систем во целост, особено доколку со него практично недискриминирачки може да се посегне кон кој било правосилно завршен судски спор и укинување или поништување на сите последици и права кои произлегле од правосилната пресуда“.
„Во таа насока, ваквиот предлог-закон за преиспитување факти и докази користени во судска постапка не би можел да се применува ретроактивно, односно не би можел да се применува врз лица кои веќе се правосилно осудени пред тој да стапи во сила како што предвидел предлагачот, односно би можел да се применува само за лица кои ќе бидат правосилно осудени по неговото влегување во сила“,
велат од Блупринт-групата.
Поклопување со ЗКП
Следната забелешка е во делот за оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причини за негово донесување.
Од Блупринт-групата сметаат дека, иако подносителот тврди овој предлог-закон не се поклопува со Законот за кривичната постапка, сепак поклопување постои и конкретно го посочуваат член 449 од ЗКП, кој предвидува повторување на постапката во корист на осудениот, при што три од основните причини поради кои кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори со вонреден правен лек, се токму оние што се наведени и во овој предлог-закон:
– ако се докаже дека пресудата е заснована врз лажен доказ или лажен исказ на сведокот, вештакот, толкувачот или преведувачот,
– ако се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата поротник или на лице што ги вршело истражните дејствија; или
– ако се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова поблага осуда.
Затоа, од Блупринт-групата не се согласуваат со констатацијата дека ваквата материја не е регулирана во домашното право и дека одредбите од овој предлог закон не се во судир ЗКП.
Следната забелешка од Блупринт-групата е тоа што предлагачот не го разгледува прашањето за можноста за повторување на постапката пред националните судови кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на член 6 поврзано за постојните докази, неприфаќање докази на обвинетиот, а е донесена одлука само врз основаа на докази од обвинителството.
Односно, тие сметаат дека ваквите повреди во чл. 2 од нацрт-законот секогаш можат да бидат предмет на оценување како пред националните така и пред меѓународните судови со жалби по основ на непотполна и неправилно утврдена фактичка состојба каде би се оценувала состојбата со доказите и слични апликации пред ЕСЧП.
Блупинт-групата смета дека овој предлог-закон содржи поопшти дефиниции од оние во Законот за кривична постапка, поради што би можеле да доведат до различно и широко толкување, особено при утврдување дали определена фактичка состојба кореспондира со дадената дефиниција во членовите 1 и 2 од предлог-законот (пример „повреда на правото на неприкосновеност на физичкиот и моралниот интегритет“).
Во овој дел тие имаат забелешка и на членот 2 од предлог-законот каде што се набројани ситуации при кои може да се повтори постапката и во таа смисла сметаат дека одреден дел од нив не претставуваат суштинска повреда на кривичната постапка според дефинициите во членот 415 од ЗКП (на пример, злоупотреба на системот за распределба на судските предмети -АКМИС).
„Европскиот суд за човекови права во повеќе предмети го има прифатено стојалиштето дека повредите на постапката мора да имаат ефект врз севкупната правичност на процесот за да се каже дека станува збор за суштински повреди поради кои би можело да се повтори постапката и да се преиначи првичната одлука на домашните судови, односно постоење на било каква повреда на определено право на одбраната не може да се смета за суштинска повреда која има ефект врз крајниот исход и севкупната правичност на процесот“,
потенцираат од Блупринг-групата во анализата на предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка.
Следната забелешка е во одредбата во предлог-законот каде што се наведува дека судот прибира факти и докази со цел самостојно да ги истражува фактите.
Судир со ЗКП
Но, од Блупринт-групата тука посочуваат дека тоа е во директна спротивност со ЗКП од 2010 година, каде што е наведено дека судот повеќе нема ниту законска можност ниту, пак, оперативна можност во смисла на ресурси, да прибира докази и факти и самостојно да спроведува истрага. Односно, дека ваквата надлежност, права и должност за спроведување на истрага и прибирање на докази и факти ја има единствено јавното обвинителство и правосудната полиција која е подредена на јавниот обвинител кој ја води истрагата, а судот е само пасивен контролор над постапувањето на странките и истиот се грижи да бидат запазени сите процесни гаранции и права на учесниците, без истиот активно да се впушта во било какво учество во постапката, независно во која фаза истата се одвива.
„На овој начин, предлог-законот не само што воведува одредби кои се во спротивност со ЗКП, истиот воведува обврска за судовите која истите нема да можат да ја исполнат заради правни (ЗКП) и фактички пречки (одамна префрлени капацитети за истражување од судот во јавното обвинителство)“,
велат од Блупринт-групата.
Понатаму, во набројувањето на нејаснотиите и контрадикторностите на предлог-законот, се споменува дефинирањето на она што значи повторување на постапката.
Од Блупринт-групата велат дека според овој предлог-закон повторувањето значи укинување на правосилните пресуди и дејствија на други државни органи преземени врз основа на тие пресуди и враќање на првобитната состојба на правата и имотот на осудените лица.
Но, она што е нејасно според нив е пред кој државен орган и како ќе се повторува постапката за неговите дејствија кои се укинати, нема одговор ни на прашањето дали пресудите на Врховниот суд на РСМ остануваат не третирани кога се укинуваат правосилните пресуди (пресуда станува правосилна кога е одлучено по жалба) и што е со одлуките по вонредните правни средства каде одлучува Врховниот суд на РСМ, а нема образложение зошто судија кој учествувал во претходна постапка не може да учествува во постапката која се повторува.
Уште еден спорен елемент во самиот предлог-закон е тоа што е предвиден период од една година како краен рок за користење на правото за повторување на постапката, од денот на неговото стапување во сила. Но ваквиот рок, според експертите во оваа група ја доведува во прашање правната сигурност и појава на дискриминаторски однос кај пристапот до правда.
Исто така, недоволната проценка на влијанието на регулативата, Блупринт-групата ја наоѓа и во тврдењето дека овој закон нема да предизвика финансиски импликации на буџетот, но не се предвидува кој би ги надоместувал трошоците по постапката и на адвокатите на лицата кои сами ги определиле или им биле назначени по службена должност.
Врз основа на оваа анализа, Блупринт-групата за следење на реформи во правосудството апелира во иднина да се предлагаат квалитетни закони креирани исклучиво врз основа на претходно спроведена опсежна анализа, проценка на влијание на регулативата и во инклузивен процес на сите засегнати чинители, да се конзистентни и усогласени со правната рамка во областа и сродните области и да се јасни и разбирливи за сите, за да се избегнат судири на законите, со што се создава правна несигурност и го нарушуваат принципот на владеење на правото.
