Законот за поништување на последиците од процесот на лустрација треба да се донесе пред распуштање на Собранието. Претставничката на Блупринт-групата, Сибел Ахмет, во апелот упатен до пратениците вели дека, согласно Стратегијата за реформи во правосудниот систем, власта се обврза да ги санира штетните последици од процесот на лустрација до 2017 година, но тоа досега не се случи.

„Ние сметаме дека овој закон треба да биде откочен во Собранието и дека треба да биде донесен пред распуштање на Собранието, имајќи предвиде дека станува збор за процес кој беше црна дамка за нашето демократско општество и беше искористен за политички реваншизам на режимот во тоа време“,
изјави Ахмет по состанокот со новинари.
Блупринт е група од повеќе организации кои се во заедничка акција за следење на судските реформи и во неа се Коалицијата „Сите за правично судење“, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.
Инаку, последната седница на Комисијата за политички систем и односи со заедниците, предводена од пратеникот Александар Кирацовски, каде што требаше да се дискутира за одредбите од овој закони, не се одржа. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бара на оваа седница да присуствува министерка за правда Рената Дескоска за да го образложи предлог-законот.
Меѓутоа, покрај опозицијата, Кирацовски прстот го впери и кон коалицискиот партнер ДУИ, дека и тие сакаат да го блокираат поништувањето на лустрацијата.
„Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, на блокадата ѝ се приклучија и ДУИ и ДПТ, за кои се надевам дека имаат силни аргументи што ќе ги споделат со нас и јавноста, затоа што ваквото несериозно однесување од овие три партии не е дозволено во законодавниот дом“, рече пратеникот.
Тој не кажа кога ќе биде презакажана седницата, туку само рече дека тоа ќе се случи тогаш кога ќе биде обезбеден кворум и изрази надеж дека ќе се изнајде решение за блокадата.
Според него, присуството на министерката за правда Рената Дескоска, која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа лично да го образложи предлог законот, е ирелевантно.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак, тогаш на прес-конференција рече дека владејачката партија немала аргументи за укинувањето на лустрацијата.
„Никој освен СДСМ како наследник на тој претходен режим не сака да даде поддршка на тој закон. Нема европска земја која не поминала низ лустрацијата. Ние сме тука, ако Кирацовски ја закаже седницата во 11 часот навечер, ќе отидеме и со аргументи ќе се спротивставиме. Македонија помина низ најмеката лустрација“, изјави Димовски.