Блупринт-групата за реформи во правосудството реагира на изборот на јавни обвинители во неколку јавни обвинителства и на изборот на два члена на Судскиот совет од редот на судиите.
Оттаму велат дека двата процеса покажале хроничните системски слабости кои постојано ја поткопуваат довербата на граѓаните во овие две клучни тела на правосудството во државата и детално образложуваат на што се темели оваа констатација.
Прво, во однос на изборот на членови на Судскиот совет, Блупринг-групата нотира отсуство на законски уреден цензус (минимален број судии кои треба да гласат за изборите да се сметаат за успешни) и пропуштањето да се уреди видот на мнозинството неопходно за избор – што го подриваат легитимитетот на изборниот процес на член на Советот.
„Резултатите од спроведените избори од листата на кандидати од Врховниот суд на РСМ ја покажаа уште еднаш вградената системска слабост во моделот за избор на членови на Судскиот совет. За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. На изборите гласале 13 судии од кои мнозинството (седум) дале неважечки гласачки ливчиња. Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите. Мнозинството од судиите на Врховниот суд не го поддржа кандидатот. Со ова оправдано се наметнува прашањето за легитимитетот на изборот на членот имајќи предвид дека мнозинството од судиите кои излегле на гласање не го дале својот глас за избраниот кандидат. Оваа системска слабост произлегува од Законот за Судскиот совет на РСМ. Во него ниту е предвиден задолжителен цензус кој треба да се исполни за да се сметаат изборите за успешни, ниту пак е дефинирано мнозинството кое одреден кандидат/ка треба да го исполни за да се смета за избран/а“,
велат од Блупринт-групата и посочуваат дека е потребна законска интервенција во овој дел за да се овозможи легитимен процес на изборот.
Второ, за изборот на јавните обвинители, од Блупринт-групата посочуваат дека и понатаму се врши без образложение за причините за изборот и отсуство на дискусија, со што се доведува во прашање транспарентноста на процесот.
„Самите членови при гласањето не се впуштија во дискусија и образложување зошто го даваат односно не го даваат својот глас за одреден кандидат, посебно кога има повеќе кандидати пријавени на избор. Тоа образложување е уште повеќе потребно, особено кога не избраните кандидати немаат право на приговор каков што е предвиден во постапката за избор на членови на Советот на јавни обвинители и на основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како позитивна ја истакнуваме практиката на членовите на Советот на јавни обвинители да гласаат за сите кандидати, односно да ја исцрпат кандидатската листа иако претходно некои кандидати ги добиле сите гласови од страна на членовите на Советот. Но, може да се констатира дека отсуствуваше дискусија од страна на членовите на Советот на јавни обвинители за секој кандидат поединечно при нивен избор односно не избор“,
се наведува во реакцијата.
Оттаму посочуваат дека Советот на јавни обвинители треба да ја зајакне транспарентноста и кандидатските листи навремено да ги објавува на веб-страницата.