Разговорот следувал по средбата во Белата куќа помеѓу Трамп, европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот остварил телефонски разговор со унгарскиот премиер Виктор Орбан обидувајќи се да ја обезбеди неговата поддршка за членството на Украина во Европската Унија, објави „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознаени со разговорот.
Разговорот следувал по средбата во Белата куќа меѓу Трамп, европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европските претставници го замолиле американскиот претседател да ја искористи својата блискост со Орбан за да го убеди да се откаже од ветото за украинското членство во ЕУ – цел што Киев долго ја посакува. Телефонскиот разговор со Орбан се случил истиот ден кога Трамп имал и четириесетминутна дискусија со Путин.

Според информациите, Унгарија понудила да биде домаќин на следниот самит, на кој би учествувале Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп ја поддржал идејата, а како можност била разгледана и трилатерална средба меѓу двајцата лидери и Трамп. Весникот „Политико“ јавува дека Будимпешта е најизгледната локација, иако термините сè уште не се познати.
Орбан, кој има блиски односи со Путин, во повеќе наврати се обидуваше да го блокира европското финансирање на оружје за Украина и воведувањето санкции против Кремљ. Ниту Белата куќа ниту канцеларијата на Орбан засега не ја коментираа телефонската комуникација.
Премиерот на Унгарија преку објава на „Фејсбук“ вчера порача дека украинското членство во ЕУ не носи никакви безбедносни гаранции и дека поврзувањето на членството со безбедносни гаранции е непотребно и опасно.
Средбата во Вашингтон на Трамп со европските официјални лица и Зеленски се одржа само неколку дена по средбата на Трамп, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф со Путин во Алјаска.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја отфрли можноста за распоредување американски трупи во Украина, во своето прво интервју по вчерашниот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Белата куќа. Во разговорот, тој повтори дека Украина нема да биде примена во НАТО додека е тој во Белата куќа, но рече дека Киев сепак ќе добие безбедносни гаранции.
Според него, европските сојузници ќе се вклучат во таа насока, наведувајќи дека Франција, Германија и Велика Британија се меѓу земјите што размислуваат да испратат свои трупи за да ја зајакнат одбраната на Украина.