Врховниот суд на САД минатиот месец ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на стотици илјади мигранти од Венецуела, Куба, Хаити и Никарагва кои живеат во САД
Владата на американскиот претседател Доналд Трамп бара од Србија и другите балкански земји да примат мигранти депортирани од САД, објави Блумберг.
Барањето до балканските земји е дел од пошироката стратегија на САД за пронаоѓање странски влади кои се подготвени да примат депортирани мигранти, објави американскиот медиум, повикувајќи се на неименувани извори, но не прецизира за кои други балкански земји станува збор.
Белата куќа, Стејт департментот и српското Министерство за надворешни работи сè уште не ги коментирале информациите на Блумберг.
Врховниот суд на САД минатиот месец ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на стотици илјади мигранти од Венецуела, Куба, Хаити и Никарагва кои живеат во САД.
Властите сега бараат потенцијални дестинации за овие мигранти кои би можеле да бидат депортирани, објавува Блумберг.
Медиумот, исто така, наведува дека Србија е важна за семејството Трамп поради облакодер во Белград што ќе го гради инвестициска фирма кооснована од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.
„Волстрит журнал“ во април објави дека САД ја истражуваат можноста за испраќање депортирани лица на Балканот, и дека Косово и Молдавија се во игра, како и други локации низ целиот свет.