Земјоделците велат дека утре ќе ги испратат своите барања до премиерот Киријакос Мицотакис и надлежните министерства, барајќи јасни одговори пред каква било средба

Грчките земјоделците што протестираат против доцнењата во исплатите на земјоделската помош и зголемувањето на трошоците за производство ја отфрлија владината покана за разговори. Со тоа, како што пишуваат грчките медиуми, се продолжуваат тековните блокади.
Одлуката да ја одбијат поканата доаѓа по денешниот состанок на претставници на земјоделците од целата земја во Никеја, во близина на грчкиот град Лариса.
Земјоделците велат дека утре ќе ги испратат своите барања до премиерот Киријакос Мицотакис и надлежните министерства, барајќи јасни одговори пред каква било средба.
Мицотакис првично ги покани земјоделците на состанок во палатата „Максимос“ во понеделник.
Илјадници земјоделци распоредија трактори и камиони во блокади низ целата земја со денови, прекинувајќи го сообраќајот на неколку точки на главните автопати и повремено блокирајќи ги граничните премини. Тие бараат повеќе од 600 милиони евра одложена помош од Европската Унија и други исплати.
Поради блокадите на грчките земјоделци граничниот премин „Евзони“ денеска неколку пати беше затворан за сообраќај.
Последните информации од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) се дека вечерва од 21 часот преминот повторно е отворен откако во 17 часот на возилата не им беше овозможено движење.
Пред „Евзони“ се паркирани над 300 трактори, а периодичните блокади траат речиси две недели.
Протестите на земјоделците, кои започнаа на 30 ноември, се проширија низ цела Грција.
Блокади имаше и на други гранични премини – „Ники“ („Меџитлија“) кон Северна Македонија, каде што секојдневно се одлучуваше за времетраењето на прекинот, на „Промахноас“ и „Орменио“ кон Бугарија и на „Кипи“ кон Турција.
