Според информациите во дел од медиумите, селото е во тотален мрак поради неконтролирани кражби на струја. Жителите со блокадата на патот го попречуваат влезот на екипите на ЕВН во селото
Блокиран е патот кој води до селото Слупчане, во Општина Липково. Како што вечерва јавува ТВ 21, во видео објавено на нивната фејсбук-страница, на патот кој води до селото жителите палат гуми и го блокираат пристапот.
Според информациите на дел од порталите, „ЕВН Хоме“ ја исклучила електричната енергија и селото е во тотален мрак, а тоа е причина за блокадата на патот.
Порталот „Макфакс“ објавува дека поради дефект во среднонапонската мрежа како резултат на контуинирани кражби од страна на жителите на кумановското Слупчане, денес селото се соочува со прекин во снабдувањето со електрична енергија и блокади од страна на мештаните за влез на екипите на ЕВН. Од ЕВН додаваат и дека со крадењето струја се оптоварува мрежата при што се предизвикуваат големи дефекти.
Инаку Слупчане важи за населено место каде најмалку се плаќаат сметките за електрична енергија. Фактури за струја пристигнуваат само кај 20 отсто од домаќинствата, пренесува ТВ 21.