Каран стана кандидат на СНСД откако на лидерот на партијата, Милорад Додик му беше забрането да се кандидира

Кандидатот на партијата СНСД, Синиша Каран прогласи победа на претседателските избори во Република Српска. Според податоците кои ги објави партијата, по обработени 95,61 избирачки места, Каран води со околу 8.500 гласови во однос на противкандидатот Бранко Блануш.
Ова се уште не се официјални резултати на Централната изборна комисија.
Каран стана кандидат на СНСД откако на лидерот на партијата, Милорад Додик му беше забрането да се кандидира.
„Ова е голема победа. Овој резултат е доказ дека владата има поддршка од народот. Му честитам на Синиша Каран за изборот за претседател на Република Српска“,
рече Додик во изборниот штаб на СНСД на крајот од изборниот ден.
Додик нагласи дека Република Српска сега ќе бара враќање на запленетите надлежности.
„Бараме сите надлежности да ни бидат вратени, а Синиша Каран ќе работи на овие задачи како професор по уставно право, а јас ќе работам многу упорно на организациските задачи за да соберам доволно гласови за да наметнам решенија и да го добијам она што го добивме со Дејтонскиот договор“,
рече Додик.
Во Бања Лука, која е најголемиот град во Република Српска, Блануш остварил уверлива победа со над 13 000 гласа разлика, што им даде динамика на изборите.
Синиша Каран во моментов ја извршува должноста министер за научно-технолошки развој и високо образование во Република Српска. Роден е во 1962 година во Грабовац, а основно и средно образование завршил во Купрес. Дипломирал на Факултетот за политички науки во Сараево, а магистрирал на Правниот факултет во Бања Лука.

Каран кариерата ја градел во безбедносниот и административниот сектор. Бил началник, водел оддел за криминалистичко-истражно и финансиско-известувачко одделение во Државната агенција за истраги и заштита на Босна и Херцеговина и е многу близок човек на Додик.
