Александар Димитриевски од Комисија за земјоделство на СДСМ денеска на прес-конференција објави информации за кои рече дека до партијата биле доставени, а за кои вели дека покажуваат директни врски со највисоките структури во Министерството за земјоделство

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска продолжи со објавување информации околу, како што го нарекуваат, големиот корупциски скандал во програмата ИПАРД-3.
Од партијата велат дека за овој скандал мора да има морална и политичка одговорност и додаваат дека е време министерот за земјоделство Цветан Трипуновски да покаже минимум интегритет и да поднесе оставка.
Александар Димитриевски од Комисија за земјоделство на СДСМ денеска на прес-конференција објави информации за кои рече дека до партијата биле доставени, а за кои вели дека покажуваат директни врски со највисоките структури во Министерството за земјоделство.
Димитриевски рече дека меѓу петтемина осомничени во овој случај се наоѓа и Јасмина Костадинова, за која кажа дека е поранешна посебна советничка на Цветан Трипуновски, назначена токму во моментот кога тој ја презема функцијата дополнителен заменик-министер за земјоделство.
„Денес, соработничката на Трипуновски е вработена во Министерството за земјоделство за финансиски прашања во Управата за водостопанство“,
рече Димитриевски.
Според него, од тоа произлегува јасно прашање кое го упати до министерот Трипуновски и побара одговор како може да тврди дека нема никаква врска со случајот, кога во скандалот е инволвирана негова блиска и доверлива соработничка.
„Бројни фотографии со Трипуновски, но и со други високи функционери на ДПМНЕ, меѓу кои Орце Ѓорѓиевски, Даниела Иротова и Игор Миќев ја потврдуваат поврзаноста и со него и со ДПМНЕ. Се е јасно тука“,
додаде Димитриевски.
Прашањето е, рече тој, што знаел министерот Трипуновски за корупциските зделки и дали тоа значи дека бил информиран за сè или Костадинова делувала по негови насоки.
„Од министер опкружен со изнудувачи и посредници за мито при доделување на европски средства не може да се очекува ниту развој, ниту чесна и одговорна работа во интерес на земјоделците“,
кажа Димитриевски.
Инаку, петмина осомничени за поткуп беа приведени во акција во која се вршеа претреси на повеќе локации низ државата од страна на Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и единиците на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во акцијата беше приведен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, како и управител на правно лице што не ги исполнувало условите за користење на финансиски средства од ИПАРД-програмата, како и три други лица, вработени во УЈП и МЗШВ, кои биле посредници при давањето поткуп.
На четворица од петтемина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и на актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодeлството, Основниот кривичен суд Скопје им одреди мерка притвор од 30 дена.
Притворите на четворица од осомничените, како што информираа од Судот, им се изречени поради опасност од бегство, можноста за влијание врз сведоци и повторување на делото.
За петтоосомничената во случајот, со иницијали Ј. К., Судот, како што информираа оттаму, го прифатил променетиот предлог на јавниот обвинител и ѝ определил мерка куќен притвор.
Вчера, пратеникот и поранешен министер за земјоделие од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски обвини дека коруптивните шеми и злоупотреби во секторот земјоделство, поврзани со кадри од ВМРО-ДПМНЕ, сериозно ја доведуваат под прашање европската поддршка за реализција на програмата ИПАРД-3 во вредност од 128 милиони евра.
Според информации со кои рече дека располага, кажа оти веќе има најава и можно е Европската Унија да ги стопира финансирањата во програмата ИПАРД-3 од Европската комисија.
По ова министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски рече дека случајот со земањето мито од страна на директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој е јасен показател дека законите важат подеднакво за сите сегашни и поранешни функционери и упати апел овој случај да се истражи докрај.
Трипуновски, во однос на обвинувањата на Николовски, рече оти такво нешто не постои, односно нема закана ниту за ИПАРД-средствата, ниту, пак, по националните плаќања што ги има Македонија како држава.
