Можам да потврдам дека вчера беше пукано врз американски дипломатски конвој. Сите наши луѓе се безбедни и неповредени. Но, оваа акција беше непромислена, неодговорна и се разбира небезбедна, изјави Блинкен по средбата на Г-7 што се одржува во Јапонија
Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека во Судан било пукано врз американски дипломатски конвој, но инцидентот поминал без жртви.
„Можам да потврдам дека вчера беше пукано врз американски дипломатски конвој. Сите наши луѓе се безбедни и неповредени. Но, оваа акција беше непромислена, неодговорна и се разбира небезбедна“,
изјави Блинкен по средбата на Г-7 што се одржува во Јапонија, пренесува Би-би-си.
Блинкен во изјавата не прецизира кој пукал врз конвојот.
Претставник на Стејт департментот, пренесува „Гардијан“, изјавил дека Блинкен разговарал со генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, шефот на преодниот владејачки суверен совет на Судан, и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти и ги повикал двајцата лидери да се согласат на прекин на огнот. Блинкен рекол дека и двајцата имаат одговорност да „обезбедат безбедност и благосостојба на цивилите, дипломатскиот персонал и хуманитарните работници“.
Вчера високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, на својот профил на Твитер, објави дека европскиот амбасадор во Судан бил нападнат во својата резиденција.
Борел не откри никакви детали за нападот ниту дали амбасадорот е повреден.
Иако Борел не го именуваше, Би-би-си пишува дека евроамбасадор во Судан е Ајдан О’Хара.
Во Судан денеска е четврти ден од борбите за превласт, но ниту армијата ниту паравоените сили не успеваат да извојуваат победа.
Според последните извештаи на ОН, во борбите загинале најмалку 185 лица, а повеќе од 1 800 се ранети.
Насилството во Судан избувна на 15 април по неколкудневна тензија околу прашањето и патоказот како да биде изведена транзицијата на земјата кон цивилно владеење. Една од главните пречки се плановите за интегрирање на РСФ која брои 100 000 војници во армијата и прашањето кој потоа ќе ги води новите сили.