Една од темите на разговор со израелските власти ќе бидат напорите да се овозможи безбедно излез на околу 1 000 странски државјани во Газа, меѓу кои и 300 Американци

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен утре повторно ќе го посети Израел и ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопшти денеска Стејт департментот.
Блинкен ја заврши посетата на шест арапски земји каде што требаше да разговара за спречување на конфликтот меѓу Израел и Хамас да се прошири во регионот.
Една од темите на разговор со израелските власти ќе бидат напорите да се овозможи безбеден излез на околу 1 000 странски државјани во Газа, меѓу кои и 300 Американци.
Американскиот дипломат денеска пристигна во Каиро на разговори со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси.
За време на средбата со Блинкен, Сиси рече дека операцијата на Израел во Газа го надминала „правото на самоодбрана“ и се претворила во „колективна казна“.
Пред да слета во Египет, Блинкен утрово во Ријад се сретна со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Состанокот уследи по разговорите во претходните три дена со лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Катар, Јордан и Палестинската управа.