Кога ќе го видите степенот на штетата, бројот на згради, бројот на станови, бројот на куќи што се уништени, сфаќате дека ќе треба голем напор да се обнови и ние сме посветени на поддршката на тоа, изјави Блинкен
Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен, кој е во посета на Турција, изјави дека САД ќе обезбедат дополнителна помош од 100 милиони долари за настраданите од земјотресот во кој загинаа речиси 45 000 луѓе во Турција и во соседна Сирија.

Блинкен, кој дојде од Минхен каде што учествуваше на Конференцијата за безбедност, слета во воздухопловната база Инџирлик во југоисточна Турција и ја изрази американската поддршка за таа земја.
Највисокиот американски дипломат имаше хеликоптерска турнеја во некои од најтешко погодените области заедно со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, а подоцна рече дека е навистина тешко да се каже со зборови уништувањето што го видел за време на турнејата.
„Додаваме 100 милиони долари за да им помогнеме на оние на кои очајно им е потребна помош. Кога ќе го видите степенот на штетата, бројот на згради, бројот на станови, бројот на куќи што се уништени, сфаќате дека ќе треба голем напор да се обнови и ние сме посветени на поддршката на тоа“,
рече Блинкен, кој со хеликоптер ја обиколи провинцијата Хатај кој е разурната од земјотресот.
Турските власти вчера соопштија дека ја прекинуваат потрагата по жртви освен во две провинции – Кархаманмарас, каде што беше епицентарот на земјотресот, и Хатај.
Еден ден по земјотресот, американските власти испратија неколку тима за пребарување и спасување во Турција, околу 200 луѓе, и ја дадоа првата транша од хуманитарна помош од 85 милиони долари.
Блинкен треба да има средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тоа е прво патување на американскиот државен секретар во Турција откако тој ја презеде функцијата пред две години. Посетата беше закажана пред земјотресот.