Изјавата на американскиот државен секретар доаѓа откако министрите за надворешни работи на Турција и арапските земји постигнаа договор со кој се прокламираат принципите кои сакаат да ги видат во политичката транзиција во Сирија по падот на Башар ал Асад
Соединитетите Американски Држави остварија директен контакт со бунтовничката фракција Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која ја предводеше операцијата во која беше соборен долгогодишниот претседател на Сирија, Башар ал Асад, потврди американскиот државен секретар Ентони Блинкен. По завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Турција и арапските земји, на кој беше постигнат договор за заедничка изјава со која тие ги прокламираат принципите што сакаат да ги видат во политичката транзиција во Сирија, Блинкен кажа дека тој лично очекува да разговара за предизивците кои ѝ претстојат на Сирија, како и за решителноста да работат на заедничка поддршка на транзицијата во Сирија со Обединетите нации.
„Постои широк консензус меѓу регионалните партнери дека новата влада на Сирија мора да биде инклузивна, да ги почитува правата на жените и малцинствата, да го отфрли тероризмот и да обезбеди и уништи залихи на хемиско оружје од времето на Асад“,
рече Блинкен.
Сличен став сподели и специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсон.
„Она што е толку критично во Сирија е да видиме кредибилен и инклузивен политички процес кој ќе ги обедини сите заедници во Сирија. И втората работа е дека треба да се погрижиме државните институции да не пропаднат и да добиеме хуманитарна помош што е можно поскоро“,
изјави Педерсон.
Режимот на семејството Ал Асад падна по повеќе од 50 години брутална диктатура, по што Башар ал Асад побегна во Москва, каде што доби азил од руските власти. Претходно, руското Министерство за надворешни работи објави дека тој доброволно одлучил да поднесе оставка и да ја напушти Сирија, оставајќи им на властите во Дамаск наредба мирно да им ја предадат власта на бунтовничките групи кои сега го контролираат сирискиот главен град.