Според шефот на американската дипломатија, САД очекуваат севернокорејските војници да бидат испратени на фронтот во наредните денови. Доколку бидат распоредени, како што рече, тие ќе бидат „легитимни воени цели“
Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен вчера соопшти дека САД имаат информации дека околу 8 000 севернокорејски војници се наоѓаат во руската област Курск, во близина на границата со Украина, и оти Русија има намера да ги вклучи во борбата против украинските војници.
Според Блинкен, САД очекуваат севернокорејските војници да бидат испратени на фронтот во наредните денови. Доколку бидат распоредени, како што рече, тие ќе бидат „легитимни воени цели“.
„Русија ги обучува севернокорејските војници во артилерија, беспилотни летала и основни пешадиски операции, вклучително и чистење ровови, што покажува дека имаат целосна намера да ги користат тие сили во операциите на првата линија“,
рече Блинкен на брифингот во Стејт департментот.
Вклучувањето на војници од Северна Кореја во актуелниот конфликт во Украина, Блинкен го оцени како јасен знак на слабост на рускиот претседател Владимир Путин.
САД проценуваат дека сега има околу 10 000 севернокорејски војници во Русија. Јужна Кореја и нејзините сојузници проценуваат дека тој број се искачи на 11 000, додека Украина го проценува бројот на 12 000 војници.
Ниту Москва ниту Пјонгјанг директно не го признаа распоредувањето на војниците.
Претходно, САД, Јужна Кореја и Јапонија објавија заедничка изјава во која го осудија пробното лансирање на Северна Кореја на интерконтиненталната балистичка ракета (ИЦБМ) како „флагрантно кршење“ на многубројни резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации.