Блинкен вели дека се во тек дискусиите за хуманитарен коридор што ќе им овозможи на цивилите да ја напуштат Газа преку Египет

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, за време на неговата посета на Израел, ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Од ИСИС наваму не видовме ваков вид на изопаченост, и ќе продолжиме да стоиме многу одлучно против него“,
рече Блинкен.
Според Блинкен, бројот на Американци кои се убиени по нападите на Хамас во текот на викендот, може да се зголеми.
„САД се свесни за 22 Американци кои беа убиени по нападите на Хамас минатиот викенд. Тој број сè уште може да се зголеми, и веројатно ќе се зголеми. Истовремено, имаме голем број Американци кои се уште се исчезнати. Ние многу тесно работиме со владата на Израел за да утврдиме каде се наоѓаат и, доколку се земени како заложници од Хамас, да работиме на нивно ослободување“,
додава тој.
Блинкен, исто така, рече дека се во тек дискусиите за хуманитарен коридор што ќе им овозможи на цивилите да ја напуштат Газа преку Египет.
„Разговараме за тоа со Израел и со Египет. Тоа е тековен разговор. Не можам да навлегувам во детали. Сакаме да се погрижиме најдобро што можеме – и знам дека Израел сака да се погрижи најдобро што може – дека цивилите нема да бидат повредени. Но, Израел мора да преземе чекори за да се одбрани. Мора да се погрижи да се справи со секоја тековна закана и верувам дека ќе се погрижи она што се случи да не се повтори“,
рече тој.