Државниот секретар на САД на Блискиот Исток заминува вечерва, а, како што пренесуваат медиумите, ќе застане во неколку големи градови, вклучувајќи го и израелскиот главен град

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ќе го посети Блискиот Исток, вклучувајќи го и Израел, во време на засилени дипломатски консултации фокусирани на конфликтот меѓу израелската армија и Хамас во Појасот Газа, изјави неименуван американски извор.
Заедно со Блинкен во посетата на Блискиот Исток ќе биде и американскиот дипломатски пратеник Амос Хохштајн за да работи на смирување на зголемените тензии меѓу Израел и Хезболах, пренесуваат британските медиуми.
Блинкен на Блискиот Исток заминува вечерва, а, како што пренесуваат медиумите, ќе застане во неколку големи градови, вклучувајќи го и израелскиот главен град.
Патувањето доаѓа откако во наводен израелски напад беше убиен висок лидер на Хамас во предградијата на Бејрут, што ги зголеми стравувањата од поширок конфликт.
„Не е во ничиј интерес – не е во интерес на која било земја во регионот, не е во интерес на која било земја во светот – овој конфликт да ескалира подалеку отколку што веќе е“,
изјави вчера портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Блинкен патува на Блискиот Исток и откако најмалку 100 лица загинаа во Иран во две експлозии во близина на гробот на убиениот генерал на Револуционерната гарда. Техеран, кој го поддржува Хамас, брзо ги обвини САД и Израел за нападот, а Вашингтон ги отфрли ваквите обвинувања.
Ова би било четврто патување на американскиот државен секретар на Блискиот Исток.