За време на неговата турнеја низ Европа неделава, се очекува да ја истакне континуираната поддршка на НАТО за Украина, изјавил О’Брајан пред новинарите во Вашингтон, во контекст на претстојното учество на американскиот државен секретар на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО, што се одржува од денеска до среда во Брисел
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги претставува Соединетите Американски Држави на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје оваа недела, објави помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан, пренесува Ројтерс.
За време на неговата турнеја низ Европа неделава, се очекува да ја истакне континуираната поддршка на НАТО за Украина, изјавил О’Брајан пред новинарите во Вашингтон, во контекст на претстојното учество на американскиот државен секретар на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО, што се одржува од денеска до среда во Брисел.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи и актуелен претседавач на ОБСЕ во саботата потврди дека државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, ќе дојде на неформалната вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.
Османи, кој одржа брифинг со новинарите околу подготовките на Советот, не можеше да прецизира дали на неформалната вечера ќе присуствуваат и рускиот и украинскиот министер за надворешни работи. Како што рече, агендите на сите министри се различни, па не мора да значи дека секој од нив ќе биде присутен на конференцијата сите три дена.
На 28 ноември, информира Османи, ќе почнат да пристигнуваат гостите, а неформалната вечера е предвидена за 29 ноември со поголемиот број министри. На вечерата се очекува да бидат изнесени ставовите на државите во однос на иднината на ОБСЕ, но тема, како што рече Османи, ќе биде и агресијата во Украина.
„За неформалната вечера го очекуваме државниот секретар Блинкен. Во кој дел од трите дена ќе биде министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров, тоа сега не можам да кажам. Не треба да очекуваме дека во сите три дена, сите ќе останат три дена. Сепак, тоа се важни луѓе кои ќе дојдат на одреден дел од настанот и ќе си заминат. Дали ќе се поклопуваат термините на нивните престој, тоа се уште не можам да го кажам, се уште ги утврдуваме тие детали. Ќе дојдат сите делегации, прашањата се дали ќе бидат министрите или нивните заменици“,
рече Османи.
Средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ ќе се одржи во Скопје во периодот од 29 ноември до 1 декември.
Со организацијата во моментов претседава Република Северна Македонија, а Малта е земјата која од 1 јануари 2024 година ќе го преземе претседавањето со Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) во текот на една календарска година.