„Сè додека продолжувате да постигнувате напредок кон зајакнување на демократските институции и промовирање на владеењето на правото, ние ќе продолжиме да го поддржуваме мултиетничкото Косово“, стои, меѓу другото, во честитката на шефот на американската дипломатија
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска им ја честиташе 16-годишнината од независноста на граѓаните на Косово, со порака дека САД го ценат стабилното партнерство и пријателството меѓу двата народи.
„Сè додека продолжувате да постигнувате напредок кон зајакнување на демократските институции и промовирање на владеењето на правото, ние ќе продолжиме да го поддржуваме мултиетничкото Косово“,
рече Блинкен во честитката.

Шефот на американската дипломатија го повтори ставот на претседателот на САД, Џо Бајден, од претходниот ден во врска со дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
„САД го охрабруваат Косово да ги спроведе своите обврски и да чекори напред преку дијалог со посредство на Европската Унија за постигнување на сеопфатен договор за нормализација на односите со Србија, на патот кон конечното меѓусебно признавање“,
додава шефот на американската дипломатија.
Нагласи и дека САД веруваат оти иднината на Косово е во евроатлантските институции.
„На нашиот пријател, партнер и сојузник му ја честитаме годишнината од независноста“,
се вели на крајот од честитката на Блинкен.
Денеска се навршуваат 16 години откако Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година.