Борел оцени дека целиот Блиски Исток е на „работ на целосен пожар што меѓународната заедница се чини не може да го контролира, а ситуацијата само се влошува“
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по повод годишнината од нападот на групата Хамас на југот на Израел, изјави дека е време да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа што ќе овозможи ослободување на заложниците, ублажување на страдањата на израелскиот и палестинскиот народ, што на крајот ќе доведе до крај на војната, објави Стејт департментот.
Блинкен нагласи дека на годишнината од конфликтот, САД стојат со Израел додека се бранат од тероризмот и остануваат непоколебливи во својата заложба за траен мир и стабилност во целиот регион на Блискиот Исток и заедничка иднина за Израелците и Палестинците.
„Меѓународната заедница, исто така, мора да застане непоколебливо во соочувањето со тероризмот и насилниот екстремизам, вклучително и изворите на поддршка за групи како Хамас. Таа мора да ја осуди поддршката на Иран за Хамас и другите терористички групи во регионот кои се одговорни за толку многу смртни случаи, уништување и нестабилност“,
изјави Блинкен.
На годишнината од нападот на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Газа, се огласи и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој оцени дека целиот Блиски Исток е на „работ на целосен пожар што меѓународната заедница се чини не може да го контролира, а ситуацијата само се влошува“.
„Луѓето во регионот се понесигурни од кога било и паднаа во бескрајна спирала на насилство, омраза и одмазда“,
објави Борел.
Тој рече дека ЕУ „жали и отфрла“ каква било ескалација на насилството на Блискиот Исток, вклучително и ракетниот оган на Хезболах, израелското бомбардирање на Либан, раселувањето на над еден милион Либанци и 60 000 Израелци.
Тој посочи дека воените операции и оружјето меѓу сите страни нема да „донесат иднина на народот на Израел или на народот на Палестина“.
„Само политичко решение ќе донесе мир, безбедност и просперитет“,
рече Борел.