Наградата, која вчера по десетти пат ја додели Делегацијата на ЕУ во С Македонија во партнерство со Здружението на преведувачи и толкувачи, му припадна на Јовановски за неговиот превод од англиски на македонски јазик на извадок од делото „Магионичарот“ од Кол Тојбин. Церемонијата се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ по повод Европскиот ден на јазиците, а наградата ја додели амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир
Инаку, наградата „Вавилон“ е иницирана од Делегацијата на Европската Унија во 2013 година и има цел да ги охрабри и поддржи младите преведувачи и да ја нагласи важноста на квалитетот во книжевните преводи
Благоја Јовановски е годинешниот добитник на наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“, која вчера по јубилеен десетти пат ја додели Делегацијата на Европската Унија во С Македонија во партнерство со Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ).
Церемонијата се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ по повод Европскиот ден на јазиците, а наградата ја додели амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
„Оваа исклучителна награда годинава му припадна на Благоја Јовановски за неговиот извонреден превод од англиски на македонски јазик на извадок од делото ‘Магионичарот’ од Колм Тојбин“,
се наведува во соопштението на Делегацијата на Европската Унија.
Во рамките на доделувањето на наградите премиерно беше прикажан и краткиот филм „Домот на јазикот“, со кој се одбележува 80-годишнината од првиот училиштен час одржан на македонски јазик. Сценариото за филмот го подготви писателот Владимир Јанковски, кој исто така беше и амбасадор на наградата „Вавилон“. Филмот е во продукција на „Јуроп хаус“ (Europe House).
Краткиот филм можете да го погледнете на следниот ЛИНК.
Инаку, наградата „Вавилон“ е иницирана од Делегацијата на Европската Унија во 2013 година и има цел да ги охрабри и поддржи младите преведувачи и да ја нагласи важноста на квалитетот во книжевните преводи.
„Конкурсот е наменет за младите преведувачи, на возраст до 26 години и им нуди платформа на која можат да ги покажат своите способности за преведување на дела напишани на некој од 24-те официјални јазици во Европската Унија на некој од јазиците што се зборуваат во државата“,
велат од Делегацијата на ЕУ.
За промоцијата и поддршката на македонскиот јазик, во интервју за „360 степени“ емитувано минатата недела, говореше евроамбасадорот Дејвид Гир, кој во овој контекст се осврна и на наградата „Вавилон“.
„Ако ме прашате кој е најсилниот поддржувач на македонскиот јазик во земјава, тоа е Делегацијата на ЕУ која ги промовира делата на големите македонски автори како Ацо Шопов, Горан Стефановски, Кочо Рацин. Исто така, финансиски го поддржавме преводот на 420 европски литературни дела на македонски јазик, ја поддржуваме и наградата ’Вавилон’ која веќе 10 години се доделува за најдобар превод на европски дела на македонски јазик. Станува збор за тоа како процесот може да го зајакне идентитетот, јазикот и културата на земјата“,
изјави евроамбасадорот Гир во интервјуто за „360 степени“.