Фелгејт порача дека бизнисите се вратени цела декада наназад, додека Деспотовски посочи дека дури 80 посто од компаниите очекуваат Владата да им помогне во справување со штетите од корона-кризата
Заедничкиот интерес пред профитот, лидерство наместо менаџирање, трансфер од „его“ во „еко“ систем – се дел од заклучоците кои произлегоа од дискуијата на тема „Бизниси од иднината“ во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
Директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски и Чарли Фелгејт од спортската компанија „Декатлон“, како главни говорници на дебатата, споделија искуство за справувањето на компаниите со корона-кризата, посочувајќи дека фирмите самите треба да преземат поголема иницијатива наспроти очекувањата државата да го стори тоа за нив.

Фелгејт порача дека со актуелната криза се вратени цела декада наназад, додека Деспотовски посочи дека дури 80 посто од компаниите и тоа малите, средните и големите претпријатија очекуваат Владата да им помогне во справување со штетите од корона-кризата.
„Конкуренцијата е сменета , конкуренција ни е ‘Нетфликс’ , креветот, мрзеливоста, тоа ни е сега конкуренција“
изјави Фелгејт.
Тој додаде дека во неговата компанија постојано прават истражувања што им е потребно на корисниците, од најмладите до повозрасните категории, но сега повеќе се фокусираат на како што рече потребите на вработените.
Според Деспотовски , пак формулата на успехот е лидерството и храброста за преземање одлуки, но и препознавање на добрите идеи и предлози.
„Лидерот треба активно да слуша, да се прилагодува и да знае да направи промена. За национална економија не треба за се да се бара мислење од народот, тоа се популистички одлуки“
рече Деспотовски.
Во однос на вториот дел од дискусијата за дигитализацијата, вештачката интелигенција и работата на далечина, дискутантите се согласија дека се есенцијални и дека особено во време на на корона-кризата се покажале како реални во секојдневието. Како пример ја посочија работата од дома што до неодамна изгледаше невозможна, а сега стана реалност за најголем дел од компаниите.
Дебатата се одржа преку платформата Зум, а темата е една од четирите под-теми на кои од организацијата прават обид за разгледување на социјалната економија во новата глобална економија, дел од т.н. „Кругови за кокреирање нова реалност“.