Вакви истражни центри веќе функционираат во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

Основното јавно обвинителство Битола доби истражен центар со што се очекува да се зајакнат истражните капацитети на тоа јавно обвинителство. Таму за почеток се ангажирани двајца истражители.
Ова обвинителство периодов работело на тешки и сложени предмети, кажа денеска државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Во последниот период, ОЈО Битола работеше на повеќе тешки и сложени предмети особено од областа на економскиот и финансискиот криминал и сомнителни јавни набавки. Новоформираниот истражен центар треба дополнително да ги зајакне капацитетите за истражување најмногу на овие, но и на други кривични дела”,
рече Коцевски во Битола.
Ова е петти истражен центар формиран во Јавното обвинителство согласно член 45 од Законот за кривична постапка. Вакви истражни центри веќе функционираат во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Во истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во моментов се ангажирани над 20 истражители. Благодарение на донациите од нашите странски партнери, пред се од американската амбасада и од Европската унија кои се и денеска тука со нас, тој истражен центар има една од најсовремените лаборатории за дигитална форензика во регионот и опремен центар за аналитика. Во истражниот центар во Основното јавно обвинителство Скопје во моментов има 9 истражители и уште 5 кои се повлечени од Министерството за внатрешни работи со наредба за работа на посебно тешки и сложени предмети. Во ова, најголемо обвинителство по обемот на работа, активностите на истражниот центар континуирано растат и практично се удвојуваат на годишно ниво. Така, во 2021 година истражителите постапувале во 99 предмети, во 2022 година во 150 предмети, во текот на 2023 година во вкупно 287 предмети, а во 2024 година постапувале во дури 665 предмети, во кои биле преземени 1476 оперативни истражни дејствија. Истиот тренд на раст продолжува и оваа година, така што истражниот центар во ОЈО Скопје само во првата половина на годинава заклучно со јуни веќе постапувал во околу 430 предмети, во кои биле преземени вкупно 1065 оперативни истражни дејствија, од кои еден исклучително тежок – пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде за дел од дејствијата беа ставени на располагање истражните центри на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК”,
наведе Коцевски.
На отворањето во Битола присуствуваа повеќе јавни обвинители, претставници на Министерството за внатрешни работи, како и на Амбасадата на САД и на европски проекти кои во изминатиот период ја поддржуваат работата на останатите истражни центри со експертиза и донации во опрема и технологија, соопшти Обвинителството.