На битолчанецот му се слошило откако испил корозивно средство кое инцидентно му било дадено. Од МВР за случајот информираат дека „Според пријавеното, А. Т. испил кафе и побарал флаширана вода, а откако ја испил течноста му се слошило. За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Битола. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“
Четириесет и петгодишен битолчанец бил хоспитализиран на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје со оштетувања на хранопроводот и желудникот откако на мистериозен начин се затрул во кафе-ресторан во Битола.

На битолчанецот му се слошило откако, според лекарите, испил корозивно средство кое инцидентно му било дадено. Тој, како што информираат за ТВ Телма од Клиниката за токсикологија, сега е во стабилна состојба, но со тешки оштетувања на органите.
„Анамнестички покажува податоци дека пациентот бил во некое кафуле и инцидентно му е дадено корозивно средство. Кај нас е донесен свесен и контактибилен, сега е на интензивно лекување и се опсервира. При првите направени прегледи кои се направени ендоскопски, гледаме дека се работи за оштетување на хранопроводот и желудникот. Ќе видиме во наредните денови како ќе се движи состојбата“,
изјавил доктор Ридван Бајрами, директор на Универзитетската клиника за токсикологија.
Случајот го потврдија и од полицијата, од каде што велат дека за настанот е запознаен и јавен обвинител, а на местото увид извршила екипа на Секторот за внатрешни работи Битола.
Според информациите, случајот бил пријавен во вторникот околу 15:30 часот од сестрата на битолчанецот, која пријавила дека му се слошило откако испил кафе и вода во угостителски објект во Битола. Тој првин бил примен во битолската болница, а потоа е префрлен на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Според пријавеното, А. Т. испил кафе и побарал флаширана вода, а откако ја испил течноста, му се слошило. За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Битола. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираат од Министерство за внатрешни работи.
Според лекарит,е пациентот сега бил во постабилна состојба и почнал да голта. Но, бидејќи станува збор за корозивно средство што го испил, компликациите се акутни и хронични, поради што пациентот ќе помине подолго време во болнички кревет за рехабилитација.
