Триесет и петгодишниот битолчанец кој почина од ковид-19 прво своеволно ја напуштил болницата, а подоцна со брза помош бил вратен назад во тешка состојба, по што починал.
Како што информира Министерството за здравство, пациентот вчера претпладнето, кога се делел ручекот, избегал од ковид-одделот каде што бил хоспитализиран. За бегството било известено болничкото обезбедување, МВР и директорот на Клиничката болница во Битола, како и епидемиологот.
„Потоа, во 18:02 часот пациентот бил донесен со возило на Итна медицинска помош (ИМП) и медицинска екипа во вонредно тешка општа состојба, неконтактибилен, тахидиспноичен, хипотензичен со немерливи витални параметри, немерлива сатурација, со пена на устата и изразена цијаноза. Според кажувањата на медицинската екипа од ИМП, пациентот со приватно возило си отишол дома наводно да се наспие и одмори и се напил средства за спиење и смирување во непозната количина, веднаш заспал и не се будел, по што семејството повикало ИМП кои веднаш дошле во домот и ординирале терапија која немала ефект, по што е донесен на Инфективно одделение“,
информира Министерството за здравство.
Од страна на дежурната екипа на ковид-одделот биле преземени реанимациски мерки, но без поволен терапевтски одговор.
„Во 18:45 часот настапила смртта со клиничка слика на тешка кардиореспираторна инсуфициенција и престанок на работа на срцето. Во системот не постојат внесени коморбидитети“,
информираат од Министерството.
