Осомничениот, според Обвинителството, ја удирал жената со трпезариски стол, а во еден момент ја однел на балконот од станот во кој заедно живееле, заканувајќи се дека ќе ја фрли
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола поведе постапка против 56-годишен жител на градот кој се товари дека пред два дена физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка и ја натерал на полови дејствија против нејзина волја.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничениот се гони за кривичното дело телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и за кривичното дело полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик (КЗ).
Во краткиот опис на настанот, од Обвинителството наведуваат дека тој се случил на 18 декември, во попладневните часови, во дом на улицата „Васко Карангелевски“ каде осомничениот и неговата вонбрачна партнерка живееле заедно.
Тој почнал да ја удира жената по телото, лицето и главата, а во еден момент зел и трпезариска столица и ја удрил со неа.
„Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Потоа и наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, на што оштетената не се согласила, по што осомничениот насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија.
Надлежниот јавен обвинител, ценејќи ги сите околности, до судија на претходна постапка од Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
„Притоа особено се ценеше опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом“,
додаваат од Обвинителството.
