Од денеска во Битола е ставена во функција лабораторијата за испитување на ковид-19, која беше најавувана изминатите денови, соопштија од битолскиот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ). Ова е прва ваква лабораторија надвор од Скопје, а капацитетот е дневно да се обработуваат резултати околу 50 тестирања.

„Лабораторијата се отвори со донација на фабриката ‘Кромберг и Шуберт’ која набави апарат во вредност од 30 000 евра, а со согласност на градоначалнинчката и Советот на Општина Битола се доделија 10 000 евра, а потоа следуваа и други донатори. Центарот за јавно здравје е регионален центар и ги покрива општините Битола, Ресен, Кичево и Демир Хисар. Предноста ќе биде што квалитетно и за многу кратко време ќе се добиваат резултатите што сега ги носиме во Скопје, па ги чекаме. Инаку е планирано да прераснеме и во регионален, што значи Прилеп и Охрид да ги тестираме овде. Имаме стручен кадар со два тима, двајца доктори и четири лаборанти кои ќе бидат во смени. Почнуваме со капацитет од 50 тестирања и со можност во иднина да го зголемиме капацитетот“,
вели директорката на ЦЈЗ Битола, Елизабета Крстевска.
Од ЦЈЗ Битола велат дека строгите стандарди на СЗО за вакви лаборатории се целосно застапени и во битолската.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, вели дека ова е доказ дека можат да се направат сериозни поместувања кога бизнис-заедницата и локалната самоуправа дејствуваат синхронизирано.
„Во исклучително сензитивен период кога се соочуваме со пандемија се отвора оваа лабораторија која е од исклучително значење за Битола, но и за целиот регион зашто навременото согледување на ситуацијата и здравствената состојба е најдобрата превентива за да нема загрозување на други граѓани. Со самото тоа што овде ќе се изработуваат резултатите побрзо ќе ја имаме и севкупната слика на можни заболени на локално ниво“,
рече Петровска.

