Дали во пазувите на Кожуф ќе се отворат рудници за злато? Гевгелиски бизнисмен и активист предупредува дека тоа би значело уништување на природата, на туризмот и на земјоделството во регионот.
„Во општина Гевгелија, ние имаме дијагноза, а дијагнозата се вика рак. Тоа се две концесии за детални геолошки истражувања за злато“, изјави Ангел Наков од здружението „Спас за нас“.
Концесионерите тврдат дека при досегашните истражувања воделе грижа за животната средина.
„Ние не сме исекле ниту една гранка“, тврди Даниела Бомбол која е управител на компанијата „Резервоар минералс Македонија“.
Но, што ако се отворат рудници?
„Планината би била толку уништена колку една баба кога се чешла“, изјави геологот Марин Александров.
Некои експерти сметаат дека ваквите проекти носат добивка, но и штета.
„Се знае дека одредени штети ќе има и одредени други активности ќе имаат штета. Тоа се треба да се процени, да се стави на вага и заедницата да каже: да ова го прифаќаме или не“, рече Бошко Ников – експерт за индустриско загадување.
Општина Гевгелија за ова ќе се изјаснува на референдум.
Кожуф. Планина на коja се вркстуваат медитеранската и континенталната клима. Тука веќе со години се вкрстува и нешто друго: неколку бизнис интереси.
Ангел Наков е еден од инвеститорите на ски – центарот Кожуф кој започна да работи во 2007 година, а сега е во стечај. Раскажува дека бизнисот почнал да му пропаѓа, со пропаѓањето на новиот регионален пат до ски – центарот. Државата во изградбата на патот инвестирала 9 милиони евра. Бил отворен во 2013 година, а затворен веќе следната зашто не е безбеден за сообраќај.
„Од 2014 до денеска, 2017 година, патот не бил во функција ниту еден ден. Цел е со одрони. Ова се случува по целата должина на овој пат. Не се превзеде ништо. Затворен е патот за сообраќај. Тоа не оневозможи нас да работиме“, раскажува Наков.
Периодот кога надлежните го запуштиле патот се совпаѓа со доделувањето на двете концесии за детални геолошки истражувања на падините на Кожуф: Коњско и Коњска Река. Наков се посомневал дека можеби некој гледа поголем интерес во отворањето рудник, отколку во туризмот.
„Пристапниот пат до Ски – центарот Кожув е во средина на оваа концесија. Тоа беше последното камче во мозаикот. Не би сакал да шпекулирам, но мислам дека причината зошто овој пат е оставен… Не е можно 9 милиони евра со програма на Влада да се вложат во таков пат и тој пат да се остави на милост и немилост, да биде уништен, освен ако не постои некој поголем стратешки или економски интерес“, трвди Наков.
Затоа од неодамна Наков е и активист кој го анимира локалното население против можното отворање рудници за злато. Предупредува дека ќе биде неопходно на одреденото место да се исече шумата, земјиштето да се минира, а материјалот да се третира со хемикалии за од него да се издвои златото. Стравува дека со тоа ќе се загадат воздухот, почвата и подземјите води и ќе се загрози живиот свет.
„Ако вие имате воздух кој што е секојдневно високо контаминиран со прашина од арсен, талиум, сулфурни оксиди, ако имате вода загадена со цијанид и сите овие отровни тешки метали, ако имате загадена почва, вие на тој локалитет не само што не можете да развивате никакво земјоделие, не само што не можете да продадете никаков производ од тој регион, вие немате теорија ниту да развивате туризам. Не постои турист кој би посетил локалитет кај што имате рудник од ваков масивен обем кој што користи технологија на добивање злато со цијанид“, изјави Наков.
Даниела Бомбол и пензионираниот геолог Марин Александров се во потрага по златото на Кожуф. Бомбол е управител на фирмата – ќерка на канадска компанија што ја доби концесијата за Коњско.
„Добредојдовте на првата проектирана дупнатина, на локацијата на која треба да го изведуваме нашето прво длабинско дупчење“, покажува Бомбол.
На околу 3 илјади хектари има повеќе вакви раскопи со кои се испитува колку злато крие Кожуф. Нејзиниот тим работи на последната фаза од деталните геолошки истражувања пред да се донесе одлука дали на тоа место е исплатливо да се отвори рудник или не.
„Ако дојде до момент на отварање на рудник, ние дефинитивно и максимално ќе се трудиме и да се запосли локално население, да има локалното население бенефит, ќе се води сметка и за животна средина, ќе се води сметка и за социјалниот момент кај општина Гевгелија. Никаква штета не сакаме да нанесеме, сакаме само бенефит, како за нас, така и за околината“, тврди Бомбол.
Од компанијата негираат било каква поврзаност со уништувањето на патот до ски – центарот. За нив се неосновани обвинувањата дека за добивање злато ќе користат хемикалии со кои ќе ја уништат животната средина.
„Ќе се земе посебна технолошко – металуршка проба, која фактички ќе ги одреди методите со кои ќе се извлекува корисната компонента. Денешната технологија е толку многу напред што и тие цијаниди што ги споменуваат тие отрови што ги споменуваат, апсолутно се деградираат. Во самиот процес се користи друга компонента која помплетно го деградира цијанидот и нема тука никаква опасност од труење“, објаснува Бомбол.
Во потрагата по злато на компанијата и помага професор Александров, како надворешен консултант. Тој има децениско искуство со рудници.
„Еве овде се гледа едно големо зрно пирит. Околу него има поголем број помали пиритни зрна кои се носители на златото во конкретниот случај. Тоа го имаме докажано со правење на одредени концентрати. Содржината на злато може да порасне и до неколку десеттина грама ако се издвојат само тие“, објаснуваше Александров додека покажуваше на блескавите зрна со златна боја.
Досегашните испитувања, според него, покажале дека содржината на злато во карпите на Кожуф е во просек околу 1 грам на 1 тон материјал.
„Се смета дека наоѓалиште на примарно злато до 10 тони спаѓа во групата на мали, до 25 средни, од 25 до 50 големи и над 100 многу големи. Нашите очекувања се дека, ако откриеме од 25 до 30 тони ние би требало да бидеме релативно задоволни. Оваа планина е над 500 квадратни километри, а ние би имале 0,2 до евентуално 0,4 квадратни километри. Тоа е ништо, тоа се неколку фудбалски игралишта, би зафатиле колку еден спортско рекреативен центар“, смета Александров.
Бошко Ников е експерт за индустриско загадување. Тој смета дека негативното влијание врз околината при реализација на вакви проекти е неминовно, но тоа не значи дека рудници не треба да се отвораат. Локалното население и надлежните треба да се запрашаат колку се подготвени да жртвуват од веќе постоечките бизниси и од природните убавини за да стекнат полза од нивната експлоатација.
„Кај нас, за жал, се уште има недоречености во изработката на комплетната документација и може да се случи тие наоди да бидат недоволно докажани и потоа да настанат недоразбирања“, посочува Ников.
Тој предупредува дека при вакви проекти потребно е навреме да се изработи студија за влијанието врз животната средина, зашто потоа може да биде доцна.
„Е тука некаде и паѓаме на испитот. Она што всушност недостасува е да се направи една екс – анте проценка на еколошка штета. На тој начин и инвеститорот и граѓаните ќе бидат заедно и ќе дојде до една социјализација на проектот. При ископи и откривање на рудникот ќе се направи штета врз туризмот и таа штета ќе биде толкава, ќе се направи штета врз живиот свет, ако е тоа значителна штета, ќе се направи исто така проценка и сето тоа треба да се компензира. Пресметката на тие штети пред да почне експлоатацијата е пресметка екс – анте, а пресметка откако ќе настане некоја штета е тоа е веќе пост – фестум“.
Планината Кожув со своите природни богатства очигледно е привлечна за бизнис интересите на многумина. Некои сакаат да остварат профит искористувајќи ги природните убавини за развој на туризмот. Други, пак, тоа сакаат да го направат преку експлоатација на минералните суровини кои овде ги има во изобилие. Советниците на гевгелиската локална самоуправа одлучија на референдум граѓаните да се изјаснат за тоа каква сакаат да биде иднината на овој регион.
Исходот од референдумот никој не го знае, но 360 Степени се обиде да го дознае расположението на жителите од подножјето на Кожуф.
Коњско е најблиското населено место до концесиите. Има околу 150 жители. Малкумината млади не сакаа да зборуваат на оваа тема. Затоа наши соговорници беа неколкумина пензионери.
„Јас би гласала да се отвора. Па, да има вработување. Да не ги пуштаме децата по други градови и да не ги праќаме по странство“.
„Па нека се отвори, зошто да не се отвори, ќе се вработи некој, пак ќе има некоја фамилија што се вика за леб.“
„Нека се отвори бе, зошто, нека има работни места, нека работи раја“, рекоа жители на Коњско.
Во Гевгелија, пак, референдумот е главна тема за разговор. Овде добивме сосема поинакви одговори.
„Против отворање, заради тоа што мислам дека ќе изгубиме многу од тоа – и воздух и се. И така е загаден воздухот, од автомобили, од се, така да…“
„Од економски аспект сум за отворање, меѓутоа, ако влијае негативно на природата – тогаш сум против.“
„Какво е тоа ископување? Значи они каде ќе слушнат дека има нешто добро и одат да копаат, на што личи тоа?“
„Позитивно е за отворање на работни места, ама рудата штом е за странски капитал за канаѓаните, нека остане така. Сметам на крајот да не се отвори, оти целото богатство ќе оди кај странците“, рекоа жители на Гевгелија.
Токму поради ставот на последниот наш соговорник, во Министерството за економија кое ги доделува концесиите, прашавме зошто нашите плании ги копаат странски компании и колкава е добивката на земјава од златото што го наоѓаат.
„Ние не правиме разлики и не ги делиме компаниите на странски или домашни. Единствениот принцип или услов за добивање концесии е понудата со повисока цена понудена во Министерството за економија. Државата добива на два начини: концесијата се исплаќа врз основа на површината која ја поседува концесионерот, тоа е годишна тарифа која се исплаќа до крајот на годината, и втората тарифа е 2% од цената која е на лондонската берза за постоечкиот метал што се вади од рудникот“, изјави Ејуп Латифи – Раководител на Сектор за минерални суровини.
Со Наков се обидовме да стигнеме до ски – центарот Кожуф, но се докажа неговото тврдење дека покрај одроните, патот е блокиран од снег. Случајно или не надлежните баш тој ден испратиле екипа што го расчистуваше. Еден од работниците прокоментира дека патот не го исчистиле цела зимска сезона.
Го прашав Наков дали со целата кампања против можното отворање рудници, всушност сака да изврши притисок за некој да му го покрие влогот за пропаднатата инвестиција на Кожуф.
„Ангел Наков можеби е најлошиот човек во општината, можеби има лични интереси, можеби е бараба, криминалец и не знам што… И еве да не расправаме за таа работа – така е! Еве јас ви признавам дека е така: јас сум налошиот човек во оваа општина. Но, дајте ми 5 – 10 минути, дајте им на сите активисти кои се вклучени во оваа кампања да ви ги пренесеме сите информации што ги имаме, што ги има во светот, да видите за што се работи, до каде е стигната работата, каде треба да оди и што ако се направи, кои се последиците. Но, вие, бидејќи сум таков каков што ви реков, немој ништо да верувате, проверете“, порачува тој.
Напишете коментар