„Секако, законот е системско решение кое сме го немале, а го немале и никаде во Европа и е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе значи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ“, вели Битиќи
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ги оценува како позитивни одлуките на некои компании да ги остават до 15 мај замрзнатите цени на некои производи. Неговите очекувања се дека редот со цените веќе е создаден, а законот за забрана на нефер трговски практики, кој денеска е на собраниска седница, дека ќе придонесе кон системско решение.
„Очекувам веќе да е создаден редот. Првите реакции на стопанствениците минатата недела беа навистина позитивни, за охрабрување. Имаше компании кои сами излегоа и рекоа дека заради тоа што сакаат да бидат општествено одговорни ќе ги задржат истите замрзнати цени до 15 мај. Тоа се неколку компании, но тоа е охрабрување дека наспроти сè што се случуваше во изминатиот период, кога нема нарушување на вредносниот синџир, синџирот на набавка, стопанствениците знаат да бидат општествено одговорни и да не прават притисок кон крајните корисници“,
рече денеска Битиќи одговарајќи на новинарски прашања.
Според Битиќи, законот за забрана на нефер трговски практики е решение кое досега сме го немале, но и дека е правиот пат кон европската интеграција.
„Секако, законот е системско решение кое сме го немале, а го немале и никаде во Европа и е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе значи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ“,
рече Битиќи.
На прашањето дали Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе врши вонредни контроли во синџирите на маркети кои сега на нивна волја имаат гарантирани цени, а претходно ги покачија, Битиќи рече дека ДПИ секако прави контроли и инспекции и кога ќе воочат недоследности, кои се спротивни на законските одредби, соодветно постапуваат.
„Директорот на ДПИ рече дека веќе се издадени две глоби на два супермаркети за недоследности кои се пронајдени. Но, ние навистина сакавме да укажеме дека во тешки времиња Владата ќе донесе мерки дури и кога тие се спротивни на принципите на пазарна економија. Но, мислам дека е дојдено времето, затоа што мислам дека сите ја научивме лекцијата дека заеднички треба да се бориме против сите феномени во кризи, но и заеднички треба да покажеме дека сме доблесни да правиме и бизнис и да креираме политики и мерки како што прилега на европска земја“,
додаде вицепремиерот.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТВ 1, рече дека има политички партии што имаат интерес во предизборниот период да има ново зголемување на цените на храната откако Владата реши да не ја продолжи мерката за гарантирани (замрзнати) цени, а предлог-законот за забрана за нефер трговски практики не е изгласан во Собранието.
Битиќи смета дека некој би направил чекори, како што рече, и против себеси, само за да докаже дека другите не се моќни да ја контролираат состојбата.
Прашан – ако една политичка партија има интерес цените да се покачуваат во предизборието, тогаш дали маркетите што излегоа со соопштение дека до 15 мај, една недела по изборите, ќе ги остават цените на истото ниво како гарантираното, тоа, исто така, го прават под политичка директива, Битиќи одговори:
„Не. Мислам дека тие се само општествено одговорни и возвраќаат на корисниците и мислам дека тие најдобриот одговор ќе го добијат од корисниците, од оние што секојдневно купуваат во нивните маркети. Завршена е ерата на тајните сили, тајната рака и заробената држава што ја гледавме до 2016 година“.
Со донесувањето на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Со предлог-законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.
„За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок“,
се вели во образложението на предлог-законот.