За разлика од Спасовски и Битиќи, третиот потпретседател на СДСМ, Венко Филипче, најави неодамна дека и се враќа на професијата, откако беше договорено Алтернатива да го преземе министерското место во здравство
Новиот мандатар е тој што ќе одлучи дали ќе бидам во идната влада или не, порача денеска вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, откако досегашниот премиер Зоран Заев најави дека следната недела ќе ја поднесе во Собранието премиерската оставка.
„И пред 18 месеци, пред да се формира новата влада, реков дека ако мандатарот смета оти јас сум доволно спремен да одговорам на задачите секогаш сум подготвен да бидам дел од Владата. Оставам и на новиот мандатар да процени дали во неговиот мандат со новата програма мојот профил најдобро ќе се вклопи“,
изјави Битиќи, во одговор на новинарско прашање.
Тој нагласи дека како избран функционер, во изминатите 15 месеци, докажал дека одговорно треба да се постапува кон потребите на граѓаните и кон тоа што тие го очекуваат, додавајќи дека повторно би продолжил така да функционира.
„Секако мандатарот е тој кој ќе одлучи“,
посочи Битиќи
Тој пред извесно време најавуваше формирање на „влада три“, повторно предводена од Заев, но премиерот, сепак, реши да ја ефектуира и оваа оставка, што ја најави по вториот круг од локалните избори, на 31 октомври.
По изборниот конгреес на СДСМ, во мај годинава, Битиќи беше избран за потпретседател на партијата, пткако лани во август стана вицепремиер во владиниот кабинет на Заев.
Слична изјава како Битиќи во однос на можното останување во Владата даде и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој од самиот почеток е член на владиниот кабинет на Заев, а едно време беше и вицепремиер, како и преоден премиер во периодот пред ланските парламентарни избори. На последниот конгрес на СДСМ, тој остана и на потпретседателското место во партијата.
Третиот потпретседател на СДСМ, Венко Филипче неодамна најави дека и се враќа на професијата, откако Заев и Африм Гаши се договорија министерското место во здравство да и припадне на Алтернатива.
Новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, синоќа, по преземањето на функцијата од Заев најави одредени промени во раководството на партијата, но рече и дека дел од досегашните функционери ќе ги задржат позициите.