Ексвицепремиерот за економски прашања реагира на денешната прес-конференција на актуелниот вицепремиер и министер за транспрот Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови, кој рече дека 115 милиони евра што ги бараат дел од инвеститорите се „спасени“ благодарение на оваа влада, откако претходната, предводена од СДСМ, во јануари 2023 година го затворила случајот, прифаќајќи обврска за исплата на целосниот износ
Битиќи, пак, потсетува дека тимот што ги застапувал правата на нашата држава во целиот тој процес се водел по јасни определби и насоки од страна на неговиот кабинет во претходната влада
Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник на СДСМ во Собранието, Фатмир Битиќи, во објава на социјалните мрежи се осврна на пресудата на Арбитражниот суд, според која државата нема да плати штета од 115 милиони евра како што бараа инвесторите за нереализираниот проект за рудникот „Казан дол“.

„Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра“,
вели Битиќи на почетокот на објавата на неговиот фејсбук-профил.
Неговата објава е реакција на денешната прес-конференција на актуелниот вицепремиер и министер за транспрот Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови, кој рече дека парите се „спасени“ благодарение на оваа влада, откако претходната, предводена од СДСМ, во јануари 2023 година го затворила случајот, прифаќајќи обврска за исплата на целосниот износ.
Сепак, екцвицепремиерот за економски прашања потсетува дека случајот околу спорот со инвеститорите, односно судските рочишта се затворени во 2023 година, а Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две години по завршните зборови.
Како што наведува Битиќи, тимот што ги застапувал правата на нашата држава во целиот тој процес се водел по јасни определби и насоки од страна на неговиот кабинет во претходната влада.
Во продолжение на објавата Битиќи се заблагодарува на адвокатските канцеларии, државните службеници и експерти, кои, како што вели, вложиле знаење и енергија во процесот.
„Искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност. Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“,
вели Битиќи.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, денеска изјави дека сите сите 11 основи по кои земјава била тужена се одбиени и оти на овој начин се „спасени“ парите кои беа потенцијална оштета што државата требаше да ја плати во овој случај.
Тој рече дека по доаѓањето на оваа влада, побарале случајот повторно да се отвори бидејќи, како што кажа, претходната влада во јануари 2023 година го затворила случајот, прифаќајќи обврска за исплата на целосниот износ.
„Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај и Македонија нема да плати ниту евро во случајот ‘Казан дол’“,
рече Николоски.
Вицепремиерот изрази сомнежи за начинот на кој во минатото се решавале арбитражните спорови, односно, дали, како што рече, овие постапки биле покренувани само по иницијатива на инвеститорите или имало некакви договори со одредени членови на тогашната власт.
На ваквите наводи на Николоски реагираа и од партијата на Битиќи, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, наведувајќи ја хронологијата на настаните од давањето на концесијата на рудникот „Казан дол“ до завршувањето на процесот пред Арбитражниот суд.
Од СДСМ наведоа дека токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година ја дала концесијата за рудникот „Казан дол“ на компанијата „Сардич“, но и оти владата на СДСМ и Зоран Заев по огромниот револт на граѓаните на Валандово го раскина договорот за рудникот „Казан дол“ во март 2018 година. Оттогаш започнал и процесот на арбитража, а од СДСМ велат и дека целиот процес е завршен од владата предводена од СДСМ, иако одлуката пристигнала сега.
„Николоски ако сака да зборува за ‘Казан дол’, треба да им објасни на граѓаните: зошто неговата партија во 2015 година ја даде концесијата? Зошто се игнорираа протестите и барањата на локалното население? Благодарение на граѓанскиот отпор и одлуките на владата на СДСМ, овој рудник не постои“,
реагираа од СДСМ.