Околу прашањето за коалицирање за парламентарните избори, тој во интервју за ТВ Алсат вели дека СДСМ има широк коалициски акапцитет, дека е лојален на европскиот фронт и на европската идеја и дека е отворен за сите партии кои сакаат да бидат дел од него
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара парламентарните и претседателските избори да се одржат во ист термин, а денеска Мицкоски предложи и конкретен датум, односно тоа да биде 8 мај 2024 година
Претседателските и парламентарните избори треба да бидат одвоени, а за доброто на земјата може да се разговара за термините, изјави вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи вечерва во интервју за ТВ Алсат.

„Изборите ќе бидат редовни, имаме ист став и во партијата и во коалцијата“,
рече Битиќи, пренесуваат во соопштение од СДСМ.
Околу прашањето за коалицирање за парламентарните избори, тој изјави дека СДСМ има широк коалициски капацитет, дека е лојален на европскиот фронт и на европската идеја и дека е отворен за сите партии кои сакаат да бидат дел од него.
„Во минатото докажавме дека имаме широк коалициски капацитет и со различни партии. И последните парламентарни избори во 2020 година беа во таков дух. Сега го нарекуваме европски фронт. Сите партии што се отворени можат да се обединат или во заеднички листи или во заеднички дух за подобра, европска иднина на државата“,
рече потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервјуто.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска повторно ги повика партиите да седнат на заедничка маса и да се договорат за изборите.
Опозициската партија бара парламентарните и претседателските избори да се одржат во ист термин, а денеска Мицкоски предложи и конкретен датум, односно тоа да биде 8 мај 2024 година.
„Единствената недела каде што можат да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај. Тој ден е Велигден. Затоа изборите треба да се одржат на 8 мај. Во минатото сме имале пракса, така беше на последните избори 15 јули 2020 година, да и во среда имаме избори и затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните, би имало 72 часа рокови за жалби, за одлуки и така натаму и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде веќе инаугуриран. Ова е логиката“, рече Мицкоски, повикувајќи на консензус во врска со одлуката за датумот на парламентарните избори“,
изјави денеска во Гевгелија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за можен датум за одржување на изборите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на овој месец го повика премиерот Ковачевски на лидерска средба на која би се разговарало за престојните избори и изборниот процес.
Тој во телевизиско интервју рече дека на евентуална средба ќе бара претседателските и парламентарните избори да бидат заедно и посочи дека во спротивно е можно претседателските избори да бидат неуспешни поради повеќе фактори.
Ковачевски барањето за лидерска го оцени како уште едно во низата барања за договарање на нешто што е регулирано со закон бидејќи, како што кажа, и парламентарните и претседателските избори ќе бидат во својот редовен термин, а нивното одржување е законски дефинирано.
Идејата за лидерска средба на која би се разговарало за избори ја отфрли и владиниот партнер на Ковачевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Инаку, лидерот на владиниот партнер партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари викендов изјави оти смета дека претседателските и парламентарните избори треба да се одржат заедно.
Неговиот став тој го темели на економскиот момент и посочи дека како сиромашна држава подобро е двата изборни циклуси да се одржат заедно.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во изјава за МИА во понеделникот (9 октомври) рече дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и за парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Разговорите, ако се случат, според Џафери, би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, затоа што ако се подоцна, тоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон, кои тој прецизно ги наведе во изјавата.
