„Мислам дека неделава ќе се состанеме пак за конечно да дадеме предлог. Мислам дека ќе мора да има одредено решение до крајот на ноември затоа што секако ќе изискува законски измени коишто ќе треба да поминат на Собранието“, вели вицепремиерот
За платите на избраните лица до крајот на овој месец треба да се најде некакво решение затоа што потоа ќе треба да има законски измени кои треба да поминат во Собранието, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Парите што би останале, Битиќи најави дека ќе им бидат вратени на пензионерите, на студентите, на сите на кои им се потребни повеќе од можеби на одредени функционери.
Работната група која треба да работи на наоѓање решение за намалување на функционерските плати, Битиќи вели дека сè уште не поднела предлог бидејќи министерот за информатичко општество деновиве не бил во државата.
„Мислам дека неделава ќе се состанеме пак за конечно да дадеме предлог. Мислам дека ќе мора да има одредено решение до крајот на ноември затоа што секако ќе изискува законски измени коишто ќе треба да поминат на Собрание“,
рече денеска Битиќи одговарајќи на новинарско прашање на денешното отворање на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на ЈОУДГ „Весели цветови“ во Општина Кисела Вода на кое присуствуваше со министерката Јована Тренчевска.
За најавените протести на дел од вработените во јавниот сектор на кои бараат зголемување на платите рече дека прават сè што е потребно и дека немаат проблем да ги зголемат платите ако се добива соодветна услуга и доколку тоа не биде на штета на другите.
„Нема проблем, ќе решиме сè, само да не биде на штета на другите. Притоа, треба да не заборавиме дека ако го зголемите фондот за плати во здравство, во обвинителство, во судовите ќе треба да скратиме од пензиите, ќе треба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците. Едноставно е, изборот е тој“,
рече Битиќи.
Тој додаде дека се прави максимум за она што е потребно.
„Промените не се случуваат преку ден ниту преку ноќ. Бараат одредено време. Мораме одредени промени да ги правиме за да не се на штета на друго место. Јас и министерката за труд и социјална политика сме вклучени во скоро сите преговори со сите страни и немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравство, притоа ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби, дедовци, родители, за нас самите. Ние немаме проблем да ги зголемиме платите и во судство и во обвинителство ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши судбината“,
додаде Битиќи.
На прашањето дали со порастот на минималната плата во март 2024 година веднаш ќе пораснат и платите во јавниот сектор, одговор даде министерката за труд и социјална политика, која рече дека согласно новата методологија во Општиот колективен договор во септември следната година ќе има ново покачување на платите на вработените во јавниот сектор согласно одредбата од општиот колективен договор.
„Ќе видиме дали усогласувањето ќе биде во март затоа што потпишувањето на општиот колективен договор беше воспоставување на нова методологија. Десетте проценти во септември што ги зедоа сите вработени во јавниот сектор во септември 2024 година уште едно усогласување на платите и во март 2025 година да започнеме со новата пресметка на платите односно коефициент помножен со просечна плата“,
посочи Тренчевска.