Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави седми пакет мерки за помош на одредени дејности погодени од пандемијата. Тој рече дека се разгледуваат финансиските податоци за претходниот месец и најави дека доколку има потреба мерките ќе се воведат во мај или во јуни.
„Ја следиме состојбата со пандемијата и со економската криза во текстилниот и кожарскиот сектор и во сите други сектори. Императив ќе ни биде да излеземе од кризата со најмалку можни последици што значи да ги зачуваме сите работни места, но и да работиме да ги вратиме на пазарот на труд и тие што ќе ги загубат своите работни места. Го спроведуваме петтиот пакет на економски мерки, а веќе излеговме и со шести. Ако е неопходно, ќе следува и седми пакет за одредени дејности. Размислуваме, разговараме и гледаме можности дали и каков би требало да биде следниот пакет на поддршка“,
изјави Битиќи.
Според податоците за февруари, Битиќи посочи дека 11 900 компании со 38 000 вработени побарале економска помош, а во март нивниот број се намалил на околу 11 300 компании со 35 000 вработени.
„Се процесираат последните барање, но сепак бројките укажуваат дека се намалува бројот на компании што се корисници и бараат поддршка, како и вкупниот број на вработени кои се опфатени со финансиската поддршка на плати. Деновиве ќе направиме и анализа од кои дејности доаѓаат за да знаеме подетално со кои евентуално нови мерки би требало да се поддржат“,
додаде Битиќи.
Во однос на олабавување на рестрикциите и барањата на угостителите за одржување свадби, Битиќи рече дека до 15 мај важат последните владини одлуки, а за можно ревидирање ќе зависи од комисијата за разни болести и епидемиолошката состојба.
