Според поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи, кризата во Македонија допрва ќе се чувствува повеќе бидејќи во овој период на домашниот пазар сè уште се користат нафтени деривати кои се набавени пред конфликтот

Целосно неадекватно е што утре власта ќе расправа само за една мерка, намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10%. Не е доволно, граѓаните и стопанството нема да почувствуваат ефекти, рече денеска пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер, Фатмир Битиќи, во интервју за телевизијата Сител.
Според Битиќи, ваквата мерка е и задоцнета и, како што вели, важно е кога се носат владини мерки тие да бидат почувствувани од граѓаните, да влијаат врз ублажување на ценовните шокови, да имаат реален ефект, а не да се носат мерки колку да се каже дека се донеле.
„Дали носењето мерки е само за да се донесат или навистина да се направи исчекор за граѓаните помалку да ги почувствуваат негативните импликации од оваа криза. Да донесете мерки три недели откако е почнат конфликтот, кои најверојатно би се примениле за пет до шест дена или една недела од денеска или утре, затоа што за одредени мерки требаат законски решенија, е навистина задоцнето“,
рече Битиќи.
Тој додаде дека кризата во Македонија допрва ќе се чувствува повеќе бидејќи во овој период на домашниот пазар сè уште се користат нафтени деривати кои се набавени пред конфликтот.
Поранешниот вицепремиер задолжен за европски прашања нагласи дека во овој момент најреален ефект што ќе го почувствуваат и граѓаните и стопанството се предлог-законските решенија на СДСМ – намалување на ДДВ на горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари, нула проценти ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на патарините.
„Во овој момент е нужно да се заштити животниот стандард на граѓаните. Ние веќе ги имаме поднесено предлог-законските решенија во Собранието. Не можете да чекате да се случи апокалипса за да реагирате, а секое одолговлекување води кон тоа. На крај, највисоката цена ја плаќаат граѓаните“,
изјави тој.
Притоа, Битиќи посочи дека сите земји во регионот веќе одамна имаат донесено мерки, на пример, веќе има намалена акциза во Црна Гора од 50%, во Албанија акцизата е преполовена, во Босна и Херцеговина и Хрватска има замрзнати цени на горивата.
