Нашиот напредок е сериозен доказ за нашата решителност како Влада целосно да ги респектираме истите вредности, а членството во ЕУ, не само што ќе ја зацврсти нашата посветеност на овие принципи, туку и ќе обезбеди одржлива рамка за развој, економски просперитет и засилена регионална соработка, вели Битиќи
Потпретседателот на Европскиот парламент, Виланд нагласи дека Северна Македонија е од исклучително значење за ЕУ и дека ги препознаваат реформите кои нашата земја ги спроведува во нејзините напори за членство во Унијата
Џафери ги информирал европратениците дека скрининг процесот е во поодмината фаза и дека се очекуваат патоказите кои ќе произлезат од процесот, кои државата е спремна да ги исполни на највисоко ниво

Мерките на Владата во справување со економската и енергетската криза, како и реформите кои се неопходни за остварување на стратешката цел за членство на Северна Македонија во ЕУ, беа во фокусот на средбата на вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на средба со европската парламентарна делегација, предводена од европарламентарецот Андреас Шиедер, на која присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Како што соопшти владината прес-служба, потпретседателот на Европскиот парламент, Виланд, во воведното обраќање нагласи дека Северна Македонија е од исклучително значење за ЕУ и дека ги препознаваат реформите кои нашата земја ги спроведува во нејзините напори за членство во Унијата.
Битиќи подетално ги информирал членовите на европската делегација за напорите кои ги правиме и за значителниот напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување во ЕУ, за што презедовме сеопфатни реформи во различни сектори, со што ја покажавме нашата посветеност за забрзано усогласување со европските стандарди и целосен респект за европските вредности, се вели во соопштението.
„Овие напори ги опфаќаат клучните области како што се владеењето на правото, независноста на судството, антикорупциските мерки, слободата на медиумите и заштитата на човековите права. Нашиот напредок е сериозен доказ за нашата решителност како Влада целосно да ги респектираме истите вредности, а членството во ЕУ, не само што ќе ја зацврсти нашата посветеност на овие принципи, туку и ќе обезбеди одржлива рамка за развој, економски просперитет и засилена регионална соработка“,
рече Битиќи.
Вицепремиерот се осврна и на мерките во економијата насочени кон стабилизирање на економијата и поттикнување на растот.
„Се фокусиравме на реформи за привлекување странски инвестиции, зајакнување на конкурентноста и стимулирање на претприемништвото. Иницијативите дадоа позитивни резултати и доведоа до зголемени странски директни инвестиции и отворање нови работни места, и покрај предизвикувачките околности“,
рече Битиќи и додаде дека Северна Македонија има солидна институционална рамка и стратегија за промоција и олеснување на инвестициите.
Битиќи се заблагодари на огромната финансиска помош и на поддршката која ја добивме од ЕУ за време на енергетската криза, и која сè уште ја добиваме, преку ИПА, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и во форма на макрофинансиска поддршка, и притоа ги информираше европарламентарците и за домашните напори на Владата за време на енергетската криза, со субвенционирање на потребите на граѓаните за електрична енергија за 650 илјади домаќинства и за 70 илјади компании.
Европратениците Андреас Шидер, Марион Валсман, Александар Јорданов, Богдан Рзонца и Тијс Реутен, денеска имаа средба и со претстедателот на Собранието, Талат Џафери.
Во однос на Резолуцијата за напредокот на Северна Македонија за 2022 година, која треба да биде усвоена во Европскиот парламент, Џафери изразил очекување таа да биде објективна и да го содржи напредокот на земјата врзан за Копенхашките критериуми.

Џафери ги информирал европратениците дека скрининг процесот е во поодмината фаза и дека се очекуваат патоказите кои ќе произлезат од процесот, кои државата е спремна да ги исполни на највисоко ниво. Тој нагласил дека се работи посветено на домашните реформи врзани со поглавјата и законодавството на ЕУ, а постигнато е и целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ во однос на санкциите кон Русија поради инвазијата на Украина, се наведува во соопштението од собраниската прес служба.
Претседателот на Собранието се осврнал и на претседателството на државата со ОБСЕ и нагласил дека тоа е голема чест и одговорност.
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет од страна на Европскиот парламент, Андреас Шидер оценил дека односите со Северна Македонија се многу важни и ја поздравил одлуката државата да продолжи по европскиот пат. Тој посочил дека членството во Унијата подразбира бројни реформи и го поздравил исполнувањето на сето она што е направено досега, но, додал дека секогаш може да се направи повеќе.
Шидер ја истакнал важноста дека треба да постои единство меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата на патот кон Европската унија и изразил надеж дека во текот на работата на Мешовитиот парламентарен комитет ќе биде демонстрирано дека европскиот пат за Северна Македонија е можен и дека европратениците се тука членството да стане реалност колку што е можно побрзо.
На средбата станало збор и за дијалогот Жан Моне, кој се води под покровителство на Европарламентот со цел унапредување на процедурите дефинирани во Деловникот на Собранието. Начелно се согласиле идната заедничка средба на работната група да се реализира во октомври.