Ние може да помогнеме во тешки времиња, но априори давање изјави кои имаат карактер на закана дека ако ова не го направите, ќе пристапиме кон друг момент, сметам дека не е соодветно и дека не е во духот на она што сме го изградиле изминатите години, а тоа е партнерскиот однос во решавање на сите проблеми

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е подготвен да разговара со претставниците на пекарската индустрија кои бараат од државата да ги субвенционира платите на пекарите, во спротивно најавија поскапување на лебот.
„Подготвен сум да разговарам, но може да има и порадикални мерки. Да, ќе помогнеме, но тогаш државата ќе биде партнер во нивните бизниси“,
рече Битиќи.
Битиќи вели дека до него нема стигнато такво барање, но дека е подготвен за разговор со сите стопански гранки.
„Сметам дека како и сите други барања, треба да се разговара со сите стопански гранки, но сметам дека државата не може да биде партнер на стопанските субјекти. Ние може да помогнеме во тешки времиња, но априори давање изјави кои имаат карактер на закана дека ако ова не го направите, ќе пристапиме кон друг момент, сметам дека не е соодветно и дека не е во духот на она што сме го изградиле изминатите години, а тоа е партнерскиот однос во решавање на сите проблеми“,
изјави Битиќи пред почетокот на денешниот настан организиран од Агенцијата за катастар на недвижности.
Тој рече дека Владата веќе имала еден чекор, а тоа е помош на пекарската индустрија со електрична енергија која е далеку под берзанската цена и го добивме одговорот од таа страна половичен, затоа што само мал дел од стопанските субјекти во пекарската индустрија го исполнија тоа што го ветија, тој џентлменски договор што го имавме.
„И сега прашањето е дали треба нов џентлменски договор или треба нови правила на воспоставување на пазарот“,
рече Битиќи.
Во однос на цените на прехранбените производи во маркетите коишто не се целосно намалени, туку дел од нив одат и нагоре, Битиќи рече дека има намалување на цените, но не до таа мера како што се очекувало.
„Имавме договор кој значеше дека од декември ќе почне намалување на одредени цени. Се уште се соочуваме со целосно нарушен вредносен синџир на различни продукти и различни суровини. Ние сме свесни дека не секогаш цената е клучниот параметар за дефинирање на крајната цена кон корисниците. Има знаци на намалување на цените на прехранбените производи, но не во таа мера која ја очекувавме. Ќе разговараме кои се следните чекори од страна на Владата“,
додаде Битиќи.
Тој вели дека не е веднаш за радикални мерки и за укинување на субвенцијата за електрична енергија и дека треба да се сослушаат аргументите на компаниите кои не го направиле ветеното.
„Доколку аргументите не се на нивна страна, може и да дадеме дополнителен временски период, но, ако немаат аргументи тогаш сме подготвени да ја укинеме субвенцијата. Но, и поради тоа што ова се пари на граѓаните треба да најдеме механизам тие да се вратат кај граѓаните. Ќе најдеме начин како тоа ќе го направиме“,
вели Битиќи.
Субвенционираната струја за компаниите значеше дека ќе има намалување на цените на основните прехранбени производи.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека над 60, а некаде дури и над 70 отсто од компаниите од прехранбениот сектор не ги намалиле цените на основните производи и дека по завршување на анализите на извештајот на Пазарниот инспекторат Министерството за економија ќе и предложи на Владата укинување на мерката за помош на овие компании со субвенционирана цена на струјата.
Денеска и премиерот Димитар Ковачевски рече дека е можно без субвенционирана цена на електричната енергија да останат оние компании од прехранбениот сектор што не ги намалиле цените на основните прехранбени производи, а не сите фирми од овој сектор.
Според анализите на Стопанската комора, ситуацијата е алармантна затоа што младите воопшто немаат интерес за пекарската струка ниту, пак, се заинтересирани да бидат сопственици на пекарници.
„Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка“,
порачаа од Стопанската комора.