АДА – дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција ќе биде наскоро промовиран, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Со него компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во земјава и за државната помош што им е на располагање
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека набрзо ќе биде промовиран првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција – АДА, преку кој компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во земјава и за државната помош што им е на располагање. Битиќи зборуваше за АДА на конференцијата „Година на нови можности“ што се одржа во Скопје.
„АДА ќе ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст. Понатаму овој асистент базиран на вештачка интелигенција ќе го учиме и на други услуги кои се важни за стопанството и граѓаните“,
рече Битиќи,
Битиќи смета дека дигиталниот асистент АДА ќе помогне и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Дигитализацијата е одговор на сите недостатоци што се појавуваат во различни извештаи во однос на борбата против корупција и организиран криминал. Единствен начин тоа да го адресираш е преку целосно тргање настрана на човечкиот фактор и, секако, да го направиш транспарентен целокупниот процес на поддршка на компаниите и инвестициите“,
рече тој.
Идеата потекнала уште во 2021 година кога Битиќи разговарал со различни донатори и колеги за тоа како да го подобрат системот и механизмот за давање и контрола, поточно како да се подобри ефикасноста на државната помош како механизам.
„Како продукт на тоа, се роди АДА. Дополнително, заедно со Светска банка ќе започнеме конечно да дигитализираме 11 деловни процеси во 11 различни институции што го користат механизмот на државна помош. Ова ќе помогне во зголемување на ефективноста и ефикасноста“,
изјави Битиќи.
Вицепремиерот најави дека АДА ќе биде промовирана следниот месец.
„АДА зборува на три јазици – македонски, албански и англиски и е насловена по АДА Ловлејс за која се верува дека е првата жена информатичарка што го креирала првиот алгоритам за машините. Затоа сметаме дека АДА треба да биде пионерот во воспоставување на дигиталниот асистент во јавниот сектор, кој ќе донесе поголема транспарентност во сите процеси и, секако, ќе го елиминира човечкиот фактор таму каде што тој треба да се елиминира“,
заклучи вицепремиерот Битиќи.
Дигиталниот асистент АДА се работи преку проект на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше спроведен како предизвик за домашната стартап-заедница на кој победи фирмата „CodeWell“.