Претседателот на РКЕ вели дека бил изненаден од нападот и претходно немал никакви закани од компанијата на Аријанит Џафери, против која РКЕ започна постапка за одземање на лиценцата. Тоа, порачува Бислимоски, нема да го поколеба во работата

Постапката за одземање на лиценцата на „У пауер“ е почната откако е добиен допис од МЕПСО за злоупотреба на балансираната енергија за комерцијални цели, рече вечерва на Сител ТВ претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, откако пред две вечери беше нападнат од сопственикот на оваа компанија, Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер од ДУИ, Муса Џафери.
„Преземавме мерки за да го заштитиме електроенергетскиот систем. Кон таков чекор се одлучивме откако МЕПСО ни испрати допис и алармираше за ’У пауер‘. Во август и половина на септември биле користени овие резерви за комерцијални потреби“,
истакна Бислимоски на гостувањето во централниот дневник на Сител ТВ.
- (ВИДЕО) Синот на Муса Џафери физички го нападнал првиот човек на Регулаторна, Бислимовски
- Синот на Муса Џафери заработи кривична пријава за нападот врз Бислимоски
Тој посочи дека доколку се злоупотребат резервите и наместо да се балансира системот, тие се користат за комерцијални цели, тогаш би бил загрозен енергетскиот сектор.
Бислимоски рече и дека се изненадил од инцидентот, како и дека претходно немал никакви закани и притисоци од „У пауер“.
„Искрено и за мене беше големо изненадување. Претходно, не сум чувствувал притисоци и закани. Вообичаено кога ги носиме одлуките, дел од одлуките завршуваат на суд и ние таму ги решаваме работите. Ова е пристап онака како што некој решил да го прави и тоа е тоа“,
вели Бислимоски.
Тој порача дека нападот нема да го поколеба и ќе продолжи да работи, како што тврди, според закон.