Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски, порачува дека како регулатор нема да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи.
Бислимоски во интервју за МИА, посочува дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.
„Ние кажавме дека со цени нема да лицитираме. Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената. Ние ќе видиме дали се реални тие цени коишто тие ги побарале за набавка на електрична енергија, негде се околу 220-230 евра за мегават час, дали може да бидат пониски и врз основа на тоа ќе ја донесеме нашата одлука. Потенцирам дека ние со цени нема да лицитираме додека не направиме анализи и за сето тоа ќе ја информираме јавноста колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија“,
вели Бислимоски.
