На трибината „Центар за енергетска политика на Западен Балкан“, што се одржа во Приштина, Бислимоски потенцира дека таксата ќе ја зголеми крајната цена на електричната енергија што се нуди на отворениот пазар и нема да биде конкурентна

Доколку Европa продолжи со планот за воведување на јаглеродната такса кон земјите членки на Енергетската заедница, ќе се случи исклучително регионално тргување со електрична енергија исклучиво помеѓу земјите што не се членки на ЕУ, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
На трибината „Центар за енергетска политика на Западен Балкан“, што се одржа во Приштина, Бислимоски потенцира дека таксата ќе ја зголеми крајната цена на електричната енергија што се нуди на отворениот пазар и нема да биде конкурентна.
„Со имплементација на јаглеродната такса, ќе се блокира интеграцијата на земјите од Западен Балкан со земјите членки на ЕУ. Нема шанси сопственик на производствен капацитет од овие земји да извезува надвор од ЕУ и ќе останеме затворени во регионални рамки“,
рече Бислимоски.
Претседателот на РКЕ истакна дека иако Западен Балкан инвестира во обновливи извори од почетокот на енергетската криза, производството од јаглен сè уште е присутно и доминантно бидејќи обезбедува базна енергија неопходна за стабилноста на електроенергетскиот систем.
Од РКЕ нагласуваат дека земјите од Енергетската заедница континуирано спроведуваат реформи.
„Кај нас усвоени се првиот, вториот и третиот енергетски пакет, а сега и четвртиот енергетски пакет се имплементира. Ако се анализира изминатиот период може да се заклучи дека сите земји одат напред: берзите за електрична енергија функционираат, имаме зајакнување на меѓуграничните капацитети, а тоа е подготовка за спојување на пазарите, што, пак, ќе придонесе кон привлекување на нови инвестиции“,
додава Бислимоски.
Бислимоски нагласи дека бенефитите од енергетските реформи мора да ги почувствуваат граѓаните. Тој побара од Европа да биде свесна дека реформите мора да бидат поддржани преку субвенции.
„Ние живееме во средина каде воздухот е исклучително загаден и трошиме многу пари за лекување на граѓаните. Треба да се објасни колку пари нашите здравствени институции трошат поради загадениот воздух. Мерки мора да има. Неопходно е во целост да се реконструира финансиската помош за ранливите потрошувачи и да се ремоделираат условите за употреба на фотоволтаичните централи кај домаќинствата“,
изјави Бислимоски додавајќи дека граѓаните ќе ги прифатат реформите само ако видат директни резултати.
