Според него, во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали Клиниката располага со доволно количини на лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата. Оваа состојба, како што рече, создава ризик од субјективно и селективно определување лекови за кои се одобрува условниот буџет, што не е поткрепено со стручна анализа и предлози
Претставник од Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска сведочеше на рочиштето за случајот „Онкологија 2“, укажувајќи дека при извршена ревизија на Клиниката за радиотерапија и онкологија за 2021 година биле констатирани слабости и неусогласености на финансиските извештаи со законските прописи.

Од ревизијата е утврдено, според претставникот од ДЗР, дека планот за набавка на биолошката терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку е базиран на историски податоци за потрошени количини лекови, што создава ризик за селективно определување на терапијата, без стручна анализа.
Покрај тоа, констатирани се и разлики во сметководствената евиденција на лекови, каде што постои разлика меѓу месечни податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организациските единици на Клиниката.
„Неусогласеноста е резултат на тоа дел од т.н. биолошка терапија е набавена на реверс, преку склучување договор за јавна набавка и во моментот на прием и нејзиното издавање не е внесена цена во материјалната евиденција на Клиниката“,
вели претставникот на ДЗР.
Според него, во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали Клиниката располага со доволно количини на лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата. Оваа состојба, како што рече, создава ризик од субјективно и селективно определување лекови за кои се одобрува условниот буџет, што не е поткрепено со стручна анализа и предлози.
„На Клиниката не биде донесени медицински протоколи, упатства или насоки со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми, што треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија“,
рече тој.
Ваквите практики, според него, создаваат ризик биолошката терапија да не биде еднакво достапна за сите пациенти, што е спротивно на законските одредби.
Ревизорскиот извештај констатирал и дека во 2021 година била набавувана биолошка терапија во период кога постапката за таква набавка не била спроведувана од Министерството за здравство.
„За поголемиот дел од биолошката терапија само еден економски оператор има ексклузивно право за нивна продажба, таа е набавувана на реверс, фактурите се изготвени од Клиниката со склучување на јавната набавка. Не навлегувајќи во потребата од континуирано и навремено обезбедување биолошка терапија, констатираме дека воспоставениот начин на набавка влијае на почитување на начелото на конкуренцијата“,
сведочи претставникот од Ревизија.
Судењето продолжува со вкрстени прашања од одбраната.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
Двајцата обвинети ја негираа вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
