Засега ниту јавноста, а ниту експретседателката на Антикорупциска, според нејзините тврдења, не знаат на што се однесува кривичната пријава, ниту и од кого е поднесена
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, нема да чека да завршат изборите, туку утре напладне ќе се појави во Основното јавно обвинителство Скопје во врска со кривичната пријава поднесена против неа.

Ивановска потврдила за ТВ Телма дека нема да ја прифати понудата на надлежната обвинителка распитот во врска со пријавата наместо на 19 август да биде одложен по изборите, доколку давањето исказ го чувстува како форма на притисок.
Засега ниту јавноста, а ниту експретседателката на Антикорупциска, според нејзините тврдења, не знаат на што се однесува кривичната пријава, ниту од кого е поднесена.
Ивановска во петокот (15 август) преку објава на социјалните мрежи информира дека 11 часа откако ја објавила кандидатурата за градоначалник на Општина Центар, полицајци затропале на нејзината врата за да ѝ врачат покана за распит во Обвинителството.
„Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“,
напиша Ивановска на својот фејсбук-профил во петокот.
Кратко по нејзината објава се огласија од Обвинителството, од каде што наведоа дека јавен обвинител постапува по приватна кривична пријава што против Ивановска била поднесена на 18 февруари година и дека презема дејствија за да ги провери наводите во неа.
„Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК“,
рекоа од Обвинителството.
Во врска со прашањето што се отвори околу времето на доставување на поканата, од Обвинителството информираат дека тие ја испратиле на 25 јули и дека тоа говори оти на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на Ивановска.
Надлежната обвинителка одлучила поканата на Ивановска да ѝ ја достави преку Министерството за внатрешни работи, што, како што рекоа од Обвинителството, било честа пракса поради проблемите со ефиканоста на редовната пошта.

Сепак, полицијата се обиде да ѝ ја врачи поканата на Ивановска на 14 август, но, како што соопшти самата, не ја нашле дома. Следниот ден таа самата појде во Обвинителството за да ја подигне поканата.
Поранешната претседателка на ДКСК и актуелен кандидат за градоначалник на Општина Центар утре ќе појде во Обвинителството, каде воедно треба да се запознае од кого е и на што се однесува кривичната пријавата.
На 14 август граѓанските иницијативи од Платформата „Независни заедно“ ја претставија Билјана Ивановска како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар.
Најавувајќи ја својата кандидатура, таа порача дека правдата, интегритетот и одговорноста се вредности што ја водат цел живот и дека кампањата ќе се базира на три столба: одговорност и отчетност, инклузивност и заедништво и солидарност.