Премиерот нагласува дека треба да се врати довербата меѓу двете општества која во минатото беше нарушена, бидејќи медиумскиот простор и перцепцијата беа под влијание на пропагандисти кои не сакаат решение
Ние сме соседни држави и мораме да соработуваме и да се почитуваме со задржување на достоинството. Односите мора да ги градиме врз овие принципи и да шириме енергија прифатена во двете држави. Пораките во медиумите за односите на Северна Македонија и Бугарија мора да се во правец дека ние сме соседни држави, рече премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното гостување на ТВ 24.
Преговарачката рамка, дополни, ја одобруваат сите членки на ЕУ, не само една држава.
„Билатерални прашања не може да бидат дел од таа рамка. Тие прашања ќе мора да се решат, но надвор од рамката“,
потенцира премиерот.
Тој оцени дека кризата во Украина потврди оти во вакви услови соседните земји треба да имаат одлична соработка.
„Само низ соработка може да си помагаат и да ги пребродат кризите. Тие треба да градат мостови на пријателства“,
рече Ковачевски.
Со Бугарија, додаде, е започнат процес на комуникација и соработка, а по двете владини средби започна работата на комисиите на поле на економијата, инфраструктурата, иновациите, транспорт, образование и наука, култура и евроинтеграции.
„Треба да се врати довербата меѓу двете општества која во минатото беше нарушена, бидејќи медиумскиот простор и перцепцијата беа под влијание на пропагандисти кои не сакаа решение и нормална комуникација меѓу двете земји“,
рече Ковачевски.
Истакна дека работните групи активно функционираат, како и комисиите во Министерствата за надворешни работи кои ги дискутираат политичките прашања.
„Комуникацијата на министерствата за надворешни работи се одвива низ работни средби. Тие ги дискутираат политичките прашања кои треба да се решат во пакет, по што ќе се крене ветото и ќе почнат преговорите со одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ“,
рече Ковачевски.
Вицепремиерите за европски прашања, Бојан Маричиќ, и за политики за добро владеење, Славица Грковска, како и министрите за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и генералниот директор на Пошти на Северна Македонија, Јани Макрадули, утре патуваат за Софија, каде што треба да одржат состанок со своите бугарски колеги.
„Работната група во изминатиот период имаше координативни состаноци на кои се разгледуваа можностите за интензивирање и зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за граѓаните на двете држави и за темпото на реализација на европските реформи, како и за размена на искуства и добри практики значајни за евроинтеграцискиот процес“,
соопшти Секретаријатот за европски прашања.
За време на средбата, се наведува, ќе биде потпишан меморандум за разбирање за поштенска соработка меѓу Бугарски пошти ЕАД и АД „Пошта на Северна Македонија“ и двогодишна програма за спроведување на Договорот меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија и Министерството за животна средина и води на Бугарија за соработка во областа на животна средина и заштита на водите, потпишан во 2019 година.