Преживеал прогони, пожари и војни, надживеал империи, држави и идеологии, е една од пораките што ги испрати претседателот Стево Пендаровски по повод 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир, за кој милениумски јубилеј денеска се организираше и централна прослава.
На прославата беше отслужена Божествената архијерејска Литургија со која чиноначалствуваше архиепископот г.г. Стефан.

Тој порача дека Бигорски е нашиот победник над времето и над вековите.
„Бигорскиот манастир е наша гордост што трае зашто од љубовта кон него и од љубовта од него израсна во неисцрплив вруток во наш духовен горостас и наш најдобар презент“,
рече г. г. Стефан.
Архиепископот доби и највисоко милениумско признание на Бигорскиот манастир-лента со ѕвезда со ликот на чесниот Претеча.

Пендаровски, пак, кој исто така имаше обраќање, порача дека овој јубилеј треба да не поттинкува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите и во што ги вложуваме.
„Во потрага на материјални вредности или за покажување добрина и солидарност и кон сите оние на кои животот им станал претежок и колку секој од нас придонесува за најважната кауза-за изградбата на слободно општество на рамноправни и доблесни во кои ќе се почитува достоинството на сите. Денес на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир размислуваме како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација. Се надевам дека ако опстанеме со силна верба и почит и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас за кои ќе се прикажува“,
порача претседателот.
На централната прослава се доделија и ордени и благодарници на заслужни поединци и организации кои дале значителен придонес за Бигорскиот манастир.