Бугарското вето е неоправдано и, за жал, е националистичка злоупотреба на моќта на земја членка на ЕУ, оценува Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац и член на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа (БИЕПАГ). Во интервју за МИА, Бибер вели дека во ЕУ нема многу симпатии за позицијата на Бугарија, но смета дека таа оди во прилог на некои земји членки кои прикриено сакаат да го одложат проширувањето.
„Некои земји членки можеби со задоволство се кријат зад неа, бидејќи им дозволува да го одложат проширувањето. Земјите што се ангажирани во регионот се фрустрирани од позицијата на Бугарија. Проблемот е во тоа што ЕУ е блокирана и што една членка може да ја задржи блокадата, освен ако останатите не ја направат цената за таквата позиција превисока. Неколку членки се обидоа да преговараат и да најдат решение, вклучувајќи ги Германија и Португалија како земја претседавач во заминување, но не беа успешни“,
вели Бибер.
Тој оценува дека прашањето со Бугарија може да се реши по изборите закажани на 11 јули и до словенечкиот самит со Западен Балкан во октомври, но, вели, тоа ќе зависи од исходот од изборите во Бугарија.
„Пред избори секогаш е различно од по избори и мислам дека партиите може да се однесуваат поинаку, ако цената на непопустливоста е јасна, што зависи од другите држави на ЕУ. Доколку партиите останат на своите позиции по изборите, или затоа што притисокот на другите членки на ЕУ не е доволен или од домашни причини, како што се нестабилни и нејасни изборни резултати, тоа може да резултира со подолг застој. Проблемот е што колку подолго треба да се решава толку потешко тоа станува“,
потенцира Бибер.
Во однос на пораките од претседателот Пендаровски за свртување на земјава кон посилна соработка со САД, Бибер оценува дека САД не можат да ја заменат ЕУ, но засилен ангажман може да влијае врз надминување на ќор-сокакот.
„Не сум сигурен дека Париз некогаш бил толку сериозен во намерата да го смени ставот на Софија, бидејќи Франција беше скептик во врска со проширувањето и иако можеби не се залагаше, тоа го прави со помалку кредибилитет и убедување од другите. САД би можеле да бидат клучни тука, но зависи од тоа колку далеку се подготвени да се зафатат по ова прашање. Изјавите од претставници на Стејт департментот се охрабрувачки“,
порачува Бибер.