Документите покажуваат дека идентитетот на девојчето бил променет во Русија. Детето, кое првично се викало Маргарита, е едно од 48-те кои исчезнаа од регионалниот дом за деца во Херсон кога руските сили ја презедоа контролата врз градот
Клучен политички сојузник на Владимир Путин „посвоил“ дете киднапирано од дом за деца во Украина, покажуваат документите кои ги открила истражувачката емисија „Панорама“ на Би-би-си. Името на Сергеј Миронов, 70-годишниот шеф на руска политичка партија, стои во записникот за посвојување на двегодишно девојче кое во 2022 година го презела жена со која Миронов сега е во брак.
Документите покажуваат дека идентитетот на девојчето бил променет во Русија. Детето, кое првично се викало Маргарита, е едно од 48-те кои исчезнаа од регионалниот дом за деца во Херсон кога руските сили ја презедоа контролата врз градот.
Украина: Русите зедоа околу 20 000 наши деца од почетокот на инвазијата
Според украински извори, околу 20 000 деца биле земени од руските сили од почетокот на инвазијата во 2022 година. Претходно оваа година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на претседателот Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Лавова-Белова, за наводно илегално депортирање украински деца на територија контролирана од Русија, со намера трајно да ги отстранат од нивната земја.
Руската влада, пак, вели дека не ги депортира украинските деца, туку ги евакуира за да ги заштити од војна. Би-би-си соработувал со украинската истражувачка за човекови права Викторија Новикова за да открие што се случило со Маргарита и другите деца. Новикова подготвила досие со нови докази за украинското обвинителство кое ќе го предаде на МКС.
Таа беше најмладата штитеничка на домот за деца
Мистеријата околу Маргарита започнала кога жена во виолетов фустан се појавила во детската болница во Херсон, каде што 10-месечното дете се лекувало од напад на бронхитис во август 2022 година. Маргарита била најмладата штитеничка на локалниот дом за деца кој се грижел за деца што имале здравствени проблеми, чии родители го изгубиле старателството или починале.
Мајката на Маргарита се откажала од старателството набргу по нејзиното раѓање, а не се знаело каде се наоѓа нејзиниот татко. Докторката Наталија Љутикова, која раководела со лекувањето на доенчињата во болницата, рекла дека Маргарита била насмеано бебе кое сакало да се гушка со луѓе.
Жената во виолетов фустан се претставила како „шеф за детските работи од Москва“, се присетила д-р Љутикова. Херсон сега е повторно под контрола на Украина, но во тоа време беше во шестиот месец на руска окупација.
„Сите се плашеа“
Набргу по заминувањето на жената, Љутикова добила неколку телефонски повици од рускиот функционер, кој од неодамна бил задолжен за домот за деца. Службеникот побарал Маргарита веднаш да се врати во домот. За една недела Маргарита била отпуштена од болница. Следното утро, вработените во домот за деца морале да го подготват девојчето за патувањето.
„Се плашевме, сите се плашеа“,
изјавила Љубов Сајко, медицинска сестра во домот.
Таа опишала како руските мажи – некои во воени маскирни панталони, еден со црни очила и актовка – пристигнале да го земат девојчето.
„Беше како во филм“,
додала Сајко.
Но, тоа било само почеток. Седум недели подоцна, рускиот парламентарец Игор Кастјукевич пристигнал во домот облечен во воена униформа и со други официјални лица почнал да организира депортација на преостанатите деца, вклучувајќи го и полубратот на Маргарита, Максим.
„Ни ги зедоа од раце и ги извадија“,
рекла Сајко.
На видеото објавено на Телеграм од самиот Кастјукевич се гледа како децата се внесуваат во автобуси и амбулантни возила.
„Децата ќе бидат однесени на Крим во безбедни услови“,
вели Кастјукевич додека децата се качувале.
Кастјукевич го претстави настанот како хуманитарна мисија.
Крим беше припоен кон Русија во 2014 година.
Пет месеци Би-би-си се обидувал да ги пронајде Маргарита и другите 47 деца, работејќи со Викторија Новикова. Пронаоѓањето на изгубени деца во Русија, земја со површина од повеќе од 17 милиони квадратни километри, не е лесна задача.
Која е жената во виолетово
Првата задача била да се идентификува мистериозната жена облечена во виолетова боја која ја посетила Маргарита во болницата минатиот август.
Викторија открила руски документ со кој се одобрува трансферот на Маргарита во болница во Москва на медицински тестови. Името на жената е наведено на документот: Ина Варламова. Пребарувањето на социјалните мрежи потврдило дека таа е мистериозната жена во виолетова боја.
Тогаш Би-би-си ѝ покажале на докторката Љутикова фотографија од Ина Варламова и таа ја идентификувала како жената што ја посетила Маргарита во детското одделение. По дополнително истражување, било откриено дека Варламова работи во рускиот парламент, иако не е јасно во кое својство, и дека поседува недвижен имот во Подолск, во близина на Москва.
Дел од мистеријата била решена.
„На Маргарита не ѝ требаше посебен преглед. Зошто мораше да се носи мало дете толку далеку“,
изјавила д-р Љутикова, зборувајќи за ноќта кога било однесено детето.
Бебето однесено со полноќен воз
Би-би-си „Панорама“ потоа од извори во Русија добиле евиденција за возовите. Тие покажале дека Маргарита пристигнала во окупирана Украина истиот ден кога била однесена од домот за деца. Подоцна истата ноќ, во 00:20 часот, Варламова се вратила со возот за Москва, со дополнителни повратни билети.
Маргарита, според доказите, била однесена со тој полноќен воз. Рускиот извор потоа открил уште една клучна информација: документ кој покажувал дека Варламова неодамна се омажила за шефот на политичка партија Сергеј Миронов.
Овој поранешен падобранец е лидер на партијата Праведна Русија, која е дел од руската опозиција што ја дозволила државата и која го поддржува претседателот Путин. Тој е санкциониран од голем број западни земји, вклучително и Обединетото Кралство и Европската Унија.
Клучно откритие
Потоа дошло клучното откритие. Во матичната книга на родените има 14-месечно девојче по име Марина, запишано во декември минатата година. Родителите на детето се Ина Варламова и Сергеј Миронов. Регистрацијата била неправилна, не ја покажувала оригиналната евиденција за раѓањето на детето.
Роденденот на Марина е наведен како 31 октомври 2021 година – истиот ден кога се родила Маргарита.
„Кога видов дека роденденот на Марина е ист како на Маргарита, сфатив дека ја најдовме“,
изјавила Новикова.
Преку анонимни руски извори, Би-би-си дошол до досието за посвојувањето на Маргарита. Маргарита Прокопенко била преименувана во Марина Миронова, по нејзиниот посвоител Сергеј Миронов. Нејзиното место на раѓање е наведено како Подолск.
Руската влада соопшти дека нема сознанија за случајот на Маргарита и дека не може да коментира.
Депортацијата на цивили во време на војна е воено злосторство
Женевската конвенција, која дефинира што претставува воено злосторство, вели дека е нелегално да се депортираат цивили во време на војна, освен од безбедносни или воени причини и ако тоа е привремено. Конвенцијата исто така забранува промена на семејниот статус на детето.
Кога МКС ги обвини Путин и комесарката за неговите деца, Марија Лавова-Белова претходно оваа година, судот утврди дека незаконската депортација на стотици украински деца од сиропиталишта и домови за деца била направена со „намера трајно да се отстранат овие деца од нивната земја.
Ова уследи по одлуката на претседателот Путин да издаде декрети со кои им се олеснува на Русите да посвојуваат украински деца. Лавова-Белова рече дека Русија ги зема децата само во згрижувачки семејства или под старателство.
„Нема посвојување. Ова е многу важен факт бидејќи посвојувањето значи дека детето станува целосно натурализирано. Можете да му го смените презимето, името, средното име, можете да го смените местото на раѓање“,
рече Лавова-Белова во октомври годинава.
Но, како одговор на истрагата на Би-би-си, руската влада рекла дека е „неточно“ да се тврди дека Русија не дозволува посвојување на украински деца од новопрогласените руски региони. Имено, Русија сега смета дека големи делови од Украина се руска територија, а луѓето кои живеат таму се нејзини граѓани, вклучително и деца.
Многу родители не знаат каде се нивните деца
Би-би-си им пишале на Сергеј Миронов и Ина Варламова прашувајќи каде е сега Маргарита, но не добиле одговор. Се верува дека речиси сите други деца кои биле однесени од домот останале во рацете на Русите. Најмалку 17 од нив се на Крим, според руските власти. Сите имаат роднини во Украина, вели Викторија Новикова.
Украина тврди дека идентификувала 19 546 деца кои биле однесени во Русија. Помалку од 400 биле вратени. Русија ги оспорува овие бројки.
Москва вели дека повторно ќе ги обедини децата со семејството или пријателите доколку се поднесе легитимно барање и тие дојдат да ги земат децата. Сепак, многу родители не знаат каде се нивните деца, а процесот на нивно наоѓање и враќање е тежок и сложен.
Има информации за само едно дете од домот за деца во Херсон кое е вратено во Украина, тригодишниот Виктор Пузик кој поради здравствената состојба чекал операција во установата. Од Крим го однела неговата мајка Олха во октомври.
„Се обидуваат да го избришат идентитетот на децата“
Таа вели дека чекањето било агонија:
„Постојано размислував каде е, како е? Дали е жив или не? Секакви работи ми се вртеа низ главата“,
изјавила Олха.
Викторија сака да ги пронајде сите исчезнати деца од Детскиот дом во Херсон, но е загрижена дека наскоро може да биде невозможно да им се најде трага.
„Времето не е на наша страна. Проблемот е што руските власти се обидуваат да го избришат идентитетот на децата кога издаваат руски изводи од матичната книга на родените, па дури и пасоши“,
вели Викторија.
Во исто време, таа не изгуби надеж дека ќе ја врати Маргарита во Украина. Таа сè уште не нашла роднина кој би можел да ја прими Маргарита, па украинската влада се назначила себеси за законски старател на девојчето и планира да стапи во контакт со руските власти за да ја врати.
„Светот мора да знае за постоењето на Маргарита. Сакаа да ја избришат. Мораме да ја вратиме назад“,
заклучува таа.